Боженствена Литургија во Водоча- Преобразување или религиозно растројство

Цел на Црквата е: луѓето кои, преку задоволување на своите гревовни страсти, водат противприроден начин на живот, односно кои се наоѓаат во некоја од фазите на душевно разболување (неврози, растројства на личноста и демоноопседнатост) да ги врати во нормален, природен начин на живот и наместо задоволување или потиснување, да им понуди преобразување на страстите низ степените на духовниот развој (очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и боговподобување).

Како што имаме веќе спомнато, преминот од противприроден во природен начин на живот може да се оствари само во Црквата преку учество во нејзините Свети Тајни и Свети Добродетели – од кои прва е: ставањето на умот во процес на исцеление преку духовно раководство, односно послушание кон духовен отец. Овој процес, согласно евангелскиот речник, се нарекува покајание, а согласно толкувањето на светите Отци – преумување.

Главна, односно препознатлива карактеристика на покајанието (преумувањето) е восогласувањето на начинот на човековиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото што му е дарувано од Бог во Црквата.

Што конкретно ова значи? Првата благодат, односно првото очистување на енергијата на умот, на човекот му е дадено, преку ставањето на својот ум во процес на исцеление, да ги види своите недостатоци, да се поправа самиот себеси, да прашува ако нешто не знае и да се осуди самиот себеси. И толку. Во ова се состои тајната на подвигот на туѓинувањето во Црквата, без оглед дали човек живее во свет или во манастир.

Ако човек го направи она што повеќето денешни христијани го прават: ако почне да ги гледа недостатоците на другите, ако почне да ги исправа другите, ако почне јавно да ги поучува и да ги осудува другите, тогаш тој тргнува по сосем друг пат, по патот на душевното доразболување. Ваквиот пат е многу поштетен за него и за Црквата, отколку патот по кој одат неверниците. Оваа можност, посебно денес, на невротичните и психопатите „верници“, во неограничени можности, им ја пружа користењето на социјалните мрежи, а на социопатите „верници“, поради нивната висока позиција, плус и телевизиските куќи.

Со други зброви, кратко и јасно, со влегување во Црквата човекот треба да „замолкне“ со устата, а да проговори со делата, сѐ до добивањето на дарот на просветлување на умот, односно дарот на умно-срдечната молитва! Може да говори јавно за духовни работи само во два случаи: ако е свештено лице (или не е, но некој го прашува нешто) и само кога за тоа има благослов од духовниот отец – но и тогаш не од себе, туку од светите Отци, како и ако некое свештено лице почне да проповеда или воведува ерес во Црквата. На овој начин многу ќе се ограничи штетното демонско влијание кое демонот го спроведува во црковниот живот преку своите луѓе. Така, очигледно, тесен е патот и поарно да сме во бројот на малкумината кои одат по него отколку да ја исполнуваме демонската волја и душевно да се поболиме.

Значи, или трпејќи ја спасителната болка од воздржувањето на исполнувањето на нашите страсти ќе се здобиваме постепено со преобразувачката, односно очистувачката, просветлувачката и обожителната благодат Божја во Црквата и ќе се насладуваме со неа (ќе бидеме секогаш утешени и радосни и покрај сѐ), или преку исполнување на нашите страсти ќе тргнеме по патот на поинтензивно душевно разболување од невроза, психопатија или социопатија (растројство на личноста) – кои во овој случај ќе ја носат придавката „религиозна“, како и по патот на демоноопседнатоста.

Бирајте сами како ќе живеете во Црквата, или ќе го восогласите начинот на вашиот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓате или ќе тргнете по патот на религиозна невроза, религиозна психопатија (социопатија) и демоноопседнатост. Оти при погрешен духовен живот во Црквата, душевното разболување се случува побрзо отколку надвор од Неа.

Аскетскиот подвиг и болка, при преобразувањето на нашите страсти, во Црквата, како и духовната сладост, утеха и радост што ја следат, ја претпоставуваат (ја содржат во себе) и Благодатта Божја. Гревовната сладост што произлегува од исполнувањето на страстите претставува отсуство на благодатта Божја. Отрезнувачката болка (тага, очај, празнина, темнина) што потоа следи, иако е допуштање на благодатта Божја, исто така, е нејзино отсуство.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Митрополит Струмички Наум

Напишете коментар