Советот го усвои извештајот за извршување на буџетот за првиот квартал од 2016 година

На денешната 40 – седница на Советот на општина Струмица беше усвоен извештајот за извршување на буџетот на Општината за првиот квартал од 2016 година. Задоволство од 18 процентната реализација, а потенцирајќи дека во тој период поради распишување на избори имаше одложување на планирани активности, изрази и градоначалникот Зоран Заев кој рече дека до крајот на годината очекува реализацијата да се одвива според планираната динамика.
На денешната седница, советниците расправаа по вкупно 11 точки на дневниот ред.
-Најголемо внимание предизвика кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Струмица за првиот квартал од 2016 година. Истиот е реализиран 18 проценти и сметаме дека за овој период од годината тоа е добра реализација со оглед на тоа што на почетокот на годината секој наш квартален извештај го имаше тој процент на реализација и другите општини го реализираат приближно тој процент. Тоа претставува добра основа за понатамошната реализација на програмите кои се реализираат од буџетот на општина Струмица. Поголемо внимание кај советниците предизвика извештајот за работата на јавното претпријатие „Паркиралишта-Струмица“ за периодот од први јануари до 31 март 2016 година. Се утврди дека претпријатието работи успешно и позитивно. Со оглед на тоа што му беа дадени дополнителни активности, како што се одржувањето на осветлувањето во градот и населените места и обележувањето на хоризонталната сигнализација, сметам дека претпријатието успешно си ја завршува својата работа. Останатите точки беа од областа на урбанизмот, односно, за легализација на бесправно изградени објекти, беа донесени позитивни одлуки, со што луѓето кои имаат поднесено барања можат да ја продолжат постапката за легализација на објектите, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.

Напишете коментар