Форумот на жени на СДСМ Струмица на Стара нова година во посета на Здружението на глуви и наглуви лица

Членовите на Здружението на глуви и наглуви лица во Струмица попладнево заедно ја славеа Стара Нова година. Почитувајќи ја традицијата, кршеа и лепче со паричка, а и се падна на Ленче Јанчева и според верувањето таа ќе има среќа и бериќет во текот на целата година. Како почитувач на традицијата, но и поддржувач на лицата со посебни потреби, Форумот на жени на ОО СДСМ Струмица им приреди пријатно изненадување. Имено, дел од членовите на Форумот се придружија на прославата на Стара нова година збогатувајќи ја трпезата со слатки производи, а на добитничката на паричката и врачија парична награда.
-Одлучивме оваа Стара нова година да бидеме заедно со членовите на Здружението на глуви и наглуви лица во Струмица. Одлични домаќини се, заедно се дружиме и забавуваме и си посакавме многу здравје, среќа и бериќет во годината која штотуку ја започнавме. Исто така, се договоривме да организираме почести средби не само по убави поводи, туку и да помагаме во решавањето на проблемите со кои се соочуваат, рече Марија Гарванлиева, претседател на Форумот на жени.

Напишете коментар