Започна Поставувањето на Жардинериите

По извршените подготовки Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ почна со поставување на жардинериите на булеварот „Маршал Тито“ на потегот од кружниот тек кај ЕВН до излезот од градот кон населеното место Куклиш. За овој градежен зафат денеска информираше Ленче Гудева раководител на единицата „Зеленило“ при „Комуналец“.
-Со овој зафат ќе се реконструира средната лента на булеварот со површина од 1.100 метри квадратни, ќе бидат монтирани жардинерии на висина од 40 и 50 сантиметри кои ќе бидат хортикултурно уредени со нискорастечки видови на садници и дел со сезонско цвеќе. Основната причина поради која се врши оваа реконструкција е газењето по зелените површини и нивното уништување на средната лента на улицата и се надеваме дека со ова ново решение тоа ќе биде оневозможено, а исто така се надеваме и ние како Јавно претпријатие ќе си ја олесниме работата во делот на тековното одржување на зеленилото, рече Гудева.
При поставувањето на жардинериите ќе останат постојните локации на обележани пешачки премини кои се поставени согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, Правилникот за сообраќајни знаци, опрема и сигнализација на патот и останатите законски прописи.

Напишете коментар