Започна изградбата на паркот во Градошорци

Општина Василево започна со изградба на паркот во населеното место Градошорци. Површината од околу 500 м2 лоцирана веднаш до Домот на културата набрзо ќе добие мал амфитеатар, бехатонски патеки, урбана опрема и зеленило со што жителите од ова населено место ќе имаат уреден простор за одмор и релаксација.
„ Значењето на овој парк не е само за жителите на Градошорци. Местото на кое се наоѓа паркот всушност е многу фреквентно и одовде поминуваат жителите на населените места Едрениково, Требичино, Градошорци, Седларци, Ангелци и Вељуса, така што неговото значење е многу поголемо“ изјави градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, притоа потенцирајќи дека изградбата на овој парк е дел од планираните инвестиции н аопштина Василево за хортикултурно уредување на населените места.
Буџетот за реализација на ситепланирани активности изнесува околу 750 000 денари, од кои 80% се обезбедени од Бирото за регионален развој а 20% се средства од општинскиот буџет.
Паркот треба да биде готов до 01 ноември, денот на одржувањето на манифестацијата Ден на празот.

Напишете коментар