Во трите средни општински училишта во новата учебна година ќе можат да се запишат 1.248 ученици

Во новата учебна 2016/2017 година во прва година во трите средни општински училишта ќе можат да се запишат вкупно 1.248 ученици. Запишувањето ќе се врши во два уписни рока, во јуни и август.
Според Петар Киров, советник за образование во општина Струмица, во прва година во средното општинско училиште „Јане Сандански“ ќе можат да се запишат вкупно 374 ученици распоредени во 11 паралелки и тоа 238 во гимназиското образование и во економско – правна и трговска струка 136 ученици.
-Морам да напоменам дека во предлог – планот за упис во прва година во СОУ „Јане Сандански“ за учебната 2016/2017 година беше предвидено отворање на уште една струка и тоа угостителско – туристичка, образовен профил – хотелиерство. Ова училиште во соработка со училиштето за туризам „Пасторе“ од Италија дојдоа до констатација дека во општина Струмица потребно е да се отвори таков образовен профил и со направената анализа на пазарот на трудот тоа се констатира, дека има интерес за отворање на угостителско – туристичка струка во Струмица, но и во општините Ново Село, Босилово и Василево. Оваа иницијатива беше предложена во предлог – планот до Советот на општина Струмица и едногласно беше изгласана, така што, со допис го информиравме министерството за образование и наука за отворање на таква струка и нагласивме дека Италијанците се заинтересирани да инвестираат во овој профил на образование во изградба на објект кој ќе се служи за практична работа, меѓутоа, бевме одбиени од министерство за образование и наука и останавме без овој профил, рече Киров.
Во средното училиште „Димитар Влахов“ во прва година ќе се запишат вкупно 374 ученици распоредени во 11 паралелки и тоа 170 ученици во земјоделско – ветеринарната струка и по 102 ученика во земјоделско – техничката и здравствената струка.
Во СОУ „Никола Карев“ во новата учебна 2016/2017 година слободни места ќе има за вкупно 500 ученици во 15 паралелки и тоа 136 во машинската струка, 68 во текстилно – кожарската струка, 34 во уметничко образование, 126 во електротехничката, 68 во сообраќајната и по 34 во шумарско – преработувачката и градежно – геодетската струка.
Според Петар Киров, градежно – геодетската паралелка била предвидена и минатата година за потребите на рудникот во Иловица, меѓутоа, интересот за упис бил слаб и не го исполнил минимумот од 24 ученици.

Напишете коментар