Во Струмица се чествуваше споменот за Јуриј Гагарин

Во посета на општина Струмица денеска беше амбасадорот на Руската федерација,
Сергеј Баздникин. По повод 58 години од кога Советскиот Сојуз го лансираше првиот вселенски брод „Восток-1“, со што советскиот космонаут Јуриј Александрович Гагарин стана првиот човек во вселената, градоначалникот Коста Јаневски и амбасадорот Баздникин, положија цвеќе пред спомен бистата на Јуриј Гагарин во Струмица.

Според градоначалникот Јаневски, бистата на Гагарин е само еден доказ за доброто пријателство меѓу Руската Федерација и Општина Струмица.

-Споменот за големиот космонаут го чува и Струмица преку оваа биста на Јуриј Гагарин, дело на познатиот руски скулптор, академикот Григориј Потоцки, кој е автор и на споменикот посветен на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, како и на спомен обележјето на жртвите во пожарот на струмичкиот рид.
Бистата на Јуриј Гагарин која веќе 7 години го краси овој дел од Струмица, е само еден од многуте докази за доброто пријателство и соработка помеѓу Амбасадата на Руската Федерација и Општина Струмица. Се надевам дека таа соработка ќе ја негуваме и унапредуваме и во иднина. Нека е вековит споменот за Јуриј Гагарин и за денешниот историски ден, рече во своето обраќање градоначалникот Јаневски.

Амбасадорот Баздникин рече дека подвигот на Јуриј Гагарин не бил само моќен продор во истражувањето на вселената, туку и олицетворение на херојството и самопрегорот на рускиот народ, а летот на „Восток“ означил нова ера во историјата на цивилизацијата.

Напишете коментар