Во Петок Постхумно ќе се промовира ,,Молитвен дом” на поетот Бранко Бјадов

Во петок, на 25.12.2015 година, ќе биде промовирана постхумно објавената книга поезија ,,Молитвен дом” на поетот Бранко Бјадов. Бранко Бјадов (1939- 2006), е роден во Струмица каде што завршил основно училиште и гимназија. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата Југословенска книжевност со македонски јазик. Бил професор по македонски јазик и директор во Трговското училиште „Цветан Димов“ во Струмица. Долги години бил директор и главен уредник на Радио Струмица и на „Струмички весник“. Работел како новинар-уредник во Радио-телевизија Струмица сè до неговото пензионирање. Во 2003 година е назначен за претседател на Здружението на дијабетичарите, каде што активно работи сè до неговата смрт во 2006 година. Поезија и проза објавувал во повеќе весници и списанија. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија. Бил учесник на „Струшките вечери на поезијата“. Неколку песни му се преведени на англиски, француски, руски и ерменски јазик. Автор е на четири книжевни објави, од кои две се поетски: „Птица во сонот“ (1986), и „Гласот на птицата“; драмата „Свештениот огин“ (1996) и збирката раскази „Кучешка зима“ (2003). Автор е на две дела што не успеа да доживее да ги објави: „Молитвен дом“, објавена 2015г , а на објавување чека и збирката раскази „Жолтото училиште“. Присутни се и неколку драми и мноштво песни и раскази што не успеал да ги редактира. Убаво и корисно четиво би биле и неговите лирски репортажи што ги пишуваше за емисијата „Наша репортажа“ на Радио Струмица. По повод деветгодишниот помен од смртта на Бранко Бјадов, семејството на поетот, упатува отворена покана за присуство на промоцијата на книгата ,,Молитвен дом”, и со тоа да се оживее споменот на Бранко Бјадов и неговата поезија, која се сместува во најдобрата македонска поетска традиција. На промоцијата збор ќе земаат: Трајче Бјадов, рецензент и внук на поетот; Никола Сарајлија, поет и соработник, а стихови ќе интерпретираат актерот Ванчо Мелев, поетесата Наташа Василевска- Трајчевска и професорот Павле Стојанов. Како издавач на книгата се јавува ЛУБ ,,Благој Јанков Мучето” од Струмица. Промоцијата започнува во 19:30 часот, во фоајето на НУЦК ,,Антон Панов”- Струмица

Напишете коментар