Во општина Струмица извршен е хуман третман на 17 кучиња скитници

Од крајот на минатиот месец кога почна да се реализира хуманиот третман на кучињата скитници, на територијата на општина Струмица извршено е заловување на вкупно 17 кучиња по пријави од граѓаните.
Заловувањето го врши ДТУ Ветеринарна клиника „Анри вет“ од Стојаково со која согласно тендерската постапка, општина Струмица склучи договор и направи план и динамика за спроведување на оваа активност која се врши согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.
-По заловувањето, кучињата се транспортираат до прифатилиштето и од секое се зема крв и се праќа на испитување за лајшмaниоза во лабораторијата на факултетот во Скопје. Доколку кучето е позитивно на лајшманиоза, тоа се аутанизира со хуман третман, а доколку наодот е негативен, женските кучиња се оставаат на третман четири дена по стерилизацијата, а машките се оставаат два дена по кастрацијата. Истите кучиња потоа се вакцинираат против беснило, се врши дехелминтизација, се обележуваат со ушни маркички и се чипираат. Откако ќе се изврши сето тоа, кучињата се транспортираат до местото на заловување и се пуштаат, рече доктор Иван Сарамандов, одговорно лице во прифатилиштето во Стојаково.
Тој додаде дека четири од заловените кучиња се веќе вдомени. Секое куче има пасош кој се наоѓа во одделението за инспекциски работи при општина Струмица и сите граѓани заинтересирани за вдомување на вакви кучиња можат да се пријават во ова одделение.

Напишете коментар