ВО КОЛЕШИНО ЗАВРШИЈА „СРЕДБИ ПОД ЈАВОРИТЕ – ВИДОE ПОДГОРЕЦ 2018“

Со креативна работилница во основното училиште Видое Подгорец во Колешино завршија Средби под јаворите 2018.Дводневната манифестација се одржува по 17 пати во чест на големиот писател за деца Видое Подгорец.
Ученици со пластелин моделираа и цртаа пејсажи од Колешино во основното училиште Видое Подгорец во родното село на писателот. Двочасовната работилница започна со посета на родната куќа на Подгорец, а потоа продолжи во училиштето. Учениците гости и домаќини заедно учествуваа во активностите и се дружеа.

Синоќа беше свеченото отворање на манифестацијата. Писателот Киро Донев рече дека иако се одржува по 17 пат му се чини дека годинава е првпат токму поради променетиот изглед на фестивалот на детска литература. Тој со многу емоции говореше за зачетокот на овој литературен фестивал, кој идејно тргнал од една група блиски луѓе на Подгорец и првите години во фокусот бил симпоизумот за неговото творештво.

Советникот Ацо Ѓоргиев смета дека ваквите фестивали се неопходни за да се поддржува и развива македонската книжевност, а особено литературата за деца. Тој во името на општина Струмица рече дека е задоволство ваквите настани да бидат дел од градот и државата.

Најголемиот дел од активностите се одржаа во НУЦК „Антон Панов“. Нaјпрво книжевните разговори во кои се говореше за ликот и делото на Подгорец, како и за почетокот на манифестацијата „Средби под јаворите“, а по нив, Просветно дело кои се дел од организацијата на манифестацијата организираа советување за наставниците за „Употребната вредност на литературата за деца во списанијата Росица, Другарче, Развигор и Наш свет“.

Директорот на оваа институција, Ване Ристов Патриков, вели дека иако пријателството е она што го поттикнало Киро Дoнев да ја започне манифестацијата, таа треба да опстане поради сите нас.

Манифестацијата од наредната година ќе се одржува напролет, а целта е да прерасне во меѓународна.

Напишете коментар