Во Кичево се одржа бизнис саем за прекугранична соработка „Кичево-ЕКСПО“

Во хотелот „Арабела“ во Кичево на 16 и 17 декември се одржа Бизнис саем за прекугранична соработка Струмица – Кичево – Кукуш – Поликастро „Кичево-ЕКСПО“ на тема „Органско производство и здрава храна“.
Целта на Бизнис саемот беше да придонесе за побрз економски развој на прекуграничниот регион преку обезбедување можности за вмрежување и соработка помеѓу малите и средните претпријатија.
На отворањето на саемот се обратија градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, раководителот на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при општина Струмица, Џоко Ристовски и регионалниот советник на Подрачната единица Кукуш, Павлос Томаидис.
На саемот своја изложбена презентација имаа 25 претпријатија од Кукуш и Поликастро, Грција и 15 претпријатија од општина Струмица од различни индустриски гранки. Освен изложбата на производите, во рамките на програмата имаше и дегустација на прехранбени производи типични за прекуграничниот регион Струмица – Кичево – Кукуш – Поликастро. Покрај ова, по една компанија од Кичево, Струмица и Кукуш имаа презентации на добри практики на тема „Органско производство и здрава храна”.
Претставник на општина Струмица ги презентираше перспективите и погодностите за инвестициии и економски развој што ги нуди оваа општина, додека од страна на Подрачната единица Кукуш беше извршена проекција на краткометражен филм, со можностите што ги нуди оваа општина од областа на туризмот, земјоделството, индустријата и друго.
Проектот ,,Бизнис Мрежа С-К-К” се спроведува од страна на три проектни партнери и тоа: општина Струмица и општина Кичево од Република Македонија и подрачната единица Кукуш од Република Грција. Овој проект е финансиран од ЕУ преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007 – 2013.

Напишете коментар