Васе Михаилов од одбојкарскиот клуб „ Џио Струмица“ избран за спортист на годината во о.Струмица

Под покровителство на градоначалникот Коста Јаневски и Советот на општина Струмица, во техничка организација на Општински сојуз на училишен спорт на Струмица, а во соработка со спортските новинари и спортските работници, синоќа, се одржа традиционалната манифестација на која што беа избрани најдобрите спортски екипи, спортисти и тренери на општина Струмица за 2018 година. За спортист на годината беше прогласен одбојкарот Васе Михаилов од одбојкарскиот клуб „ Џио Струмица“ кој е и член на македонската репрезентација. За најдобар клуб беше прогласен ОК „Џио Струмица“, а за најуспешен тренер Кире Ричлиев од истиот клуб.
Најдобар млад спортист е каратистот Димитар Витанов од клубот „АБЦ“, Александра Ристовска е најдобар тренер во младински категории, а за најуспешна младинска екипа беше прогласена екипата на женскиот фудбалски клуб „Тиверија“. Награди за постигнати успеси им беа доделени и на повеќе поединци и здруженија од масовниот спорт.
Наградите на најдобрите во спортот за 2018 година им ги врачија секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков и членови на Советот. Честитајќи им ги наградите, секретарот Оџаков рече дека општина Струмица како и досега така и понатаму финансиски ќе го поддржува спортот. Наредната недела ќе биде објавен повикот за финансиска поддршка на спортските екипи и тренери за 2019 година.

Напишете коментар