Ученици и Наставници од Струмица го Посетија Научниот Центар „Технорама“ во Швајцарија

Во рамките на проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, кој е финансиран од детската фондација Песталоци од Швајцарија, а се имплементира од општина Струмица во партнерска соработка со МЦГО-Скопје, деновиве ученици и наставници од општинските основни училишта „Маршал Тито“ од Муртино и „Маршал Тито“ од Струмица, во детското село Песталоци – Швајцарија го посетија научниот центар „Технорама“. Оваа можност беше голем предизвик за учениците да ги разгледаат сите 500 експерименти од природно-научните области и сами да експериментираат и да ги видат нивните ефекти.
Во делот на интеркултурната размена, учениците од Струмица ги разменија своите искуства и знаења со учениците од Краљево, Ужице и Врање, Република Србија. Во своите презентации ги опфатија училиштата, секојдневните активности и направија разгледница за општина Струмица.
Општина Струмица во овој проект обезбедува финансиска и логистичка поддршка за учениците и наставниците, кои имаат обврска по враќањето од Швајцарија да направат последователни активности во нивните училишта.

Напишете коментар