Свето Благовештение – Благовец

Празникот Свето Благовештение, меѓу народот познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. се смета за тежок празник. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв Велигден“.

Именден празнуваат: Благоја, Блаже, Благојка, Благица, Блага, Благун ….

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов. „Празникот Благовештение на Богородица е воедно и Господов и Богородичен празник. Господов е бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богорица, а Богородичен е бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе за зачнувањето и вочовечувањето на Логосот Божји, т.е. се однесува на Пресвета Богородица“.

Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна. Синот Божји станува син на Дева и Гаврил објавува блага вест. Затоа и ние да извикнеме кон Богородица: Радувај се Благодатна, Господ е со тебе!

Напишете коментар