Светата великомаченичка Екатерина 7 декември

Ќерка на царот Конста. По смртта на татко ѝ живееше со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Света Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава. Кога злочестивиот цар Максенциј им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја изобличи неговата идолопоклоничка заблуда. Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на Света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица (августа-василиса). Сите пострадаа за Христа. При мачењето на Света Екатерина ѝ се јави ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 7 декември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв. Чудотворните мошти на Света Екатерина почиваат на Синај.

Напишете коментар