Струмичкиот поет Митко Гогов ќе се претстави со својата поезија во Париз

По покана на интернационалната поетска мрежа и организација Spoken Word Paris, во периодот од 18-28 март 2016 година, македонскиот поет, концептуален уметник и граѓански активист Митко Гогов ќе учествува на серија интернационални поетски читања и перформанси.
На две од читањата ќе се претстави заедно со локални и странски автори, додека едно од читањата е целовечерно ѝ е наменето за неговата поезија која ќе се чита на македонски, англиски и француски јазик. Spoken Word Paris организира редовни поетски претставувања на поети од целиот свет, освен Митко Гогов за периодот кој следи специјални гости се: Lisa Ducasse, Matty Dowd, Lucienne McKirdy, Jason Stoneking и Adeline Baldacchino.
Spoken Word Paris е поле за средба на луѓе кои ја сакаат поезија, номади кои ги слушаат и почитуваат стиховите. Тоа е дом за креативни текстови и поетски апологети. SpokenWord е носечката манифестација за отворен микрофон во Париз, додека Open Secret е нивната втора последователна манифестација. Овде е и работилницата за писатели и поети која се одржува во ознатото место за сите љубители на литературата Shakespeare & Company. Уредници се на списанието The Bastille and Tightrope Books и на зборникот на поезија “Strangers in Paris”.
Mитко Гогов е роден 1983-та година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, USA, Русија, Шпанија, Чешка, Германија, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија… Актуелен со неговата стихозбирка „Ледена вода“ издадена во Србија (2011) и во Македонија, во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог (2014).
Младински работник и активист, концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија … Претседател на здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, организатор на глобалната поетска манифестација „100 Илјади поети за промена“ во Македонија, а од неодамна и амбасадор за Македонија во Светската Унија на поети, уредник на strumicaonline.net и reper.net.mk.
Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.

Напишете коментар