Струмица стана член на меѓународната Асоцијација на градовите – носители на порака на мирот

Од денеска општина Струмица е член на меѓународната Асоцијација на градовите – носители на порака на мирот. Повелбата за полноправно членство му беше врачена на претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов на собранието кое што се одржува во Куманово, а на кое учествуваат претставници од повеќе светски градови. Во Асоцијацијата членуваат градови кои биле препознати по својот придонес за зачувување на мирот, соживотот, почитување на човековите права, слободата и демократијата. Пред потпишувањето на Повелбата, присутните на Собранието ја запознаа општина Струмица преку видео презентацијата која што ја подготви тим од Секторот за локален економски развој.
Интегрален текст од обраќањето на претседателот на Советот, Јосиф Христов
Како претседател на Советот на општина Струмица ми претставува чест и задоволство да ве поздравам од мое лично име, од името на градоначалникот Зоран Заев и од името на граѓаните на општина Струмица.
Струмица се наоѓа на југоистокот од Република Македонија. Ако се суди според површината и бројот на жителите, Струмица е сосема мал град, но сепак е голем, онолку голем колку што е голема неговата мирољубива и слободарска душа, онолку голем колку што се големи пријателските срца на струмичани. Станува збор за град со многувековна историја, култура и традиција, за град кој низ својот растеж и развој, успеал да ги отфрли предрасудите од минатото, а да ги задржи и надгради сите свои духовни атрибути и трајни цивилизациски и општочовечки вредности.
Мирољубивост, толеранција, разбирање, почитување, соработка и хуманост, се дел од нештата по кои Струмица е позната и препознатлива.
Кога човек добронамерник ќе ја посети Струмица, покрај срдечното гостопримство на струмичани, ќе може да забележи многу интересни работи во кои се огледува карактерот на мојот град. Ќе забележи дека во градот постојат повеќе духовни храмови. Во едни се молат христијаните од православна вероисповед, во други христијаните – католици, во трет христијаните од евангелско – методистичката вера, а во џамијата се молат струмичките Турци од муслиманска вероисповед. Заедичко за сите нив е слогата во која заеднички живеат. Широкоградоста на Струмица може да се забележи и на широкиот, отворен и простран градски плоштад. На едната страна од плоштадот, покрај македонското, се веат знамињата на сите земји – членки на Европската Унија, со што градот отворено ја покажува својата еврпска ориентација и подготвеност за соработка. На другата страна од плоштадот доминира споменикот на големиот македонски деец Гоце Делчев, на кој е испишана неговата мудра мисла: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“ . А кога културата е во прашање, тогаш вреди да се знае дека мојот град има дури седум меѓународни културни манифестации. Истовремено, Струмица е членка на Асоцијацијата на европските карневалски градови (FECC), на Новата европска театарска акција (НЕТА) и на Интернационалната културна берза „Унисоно“.
Нераскинливата врска помеѓу младите и спортот е исто така белег на струмичкото живеење. Струмица како град домаќин, е македонски лидер во одржувањето на европски првенства и други меѓународни натпреварувања за млади категории, и тоа во повеќе спортови.
Поради својата географска поставеност, но и поради својата отвореност за соработка, Струмица е единствената општина во Македонија која има две ширум отворени порти кон двете членки на ЕУ – Грција и Бугарија. Таа отвореност Струмица ја ползува на најдобар можен начин, држејќи го приматот во поглед на меѓуграничната соработка, со секогаш подадена рака кон блиските пријателски градови од соседните земји. Но таа рака во духот на разбирањето и за промоција на мирот, е подадена и кон градовите од подалечните земји, нешто што до сега резултирало со повеќе збратимувања и потпишани меморандуми за соработка.
Еден струмички поет кој мошне добро го познава духот на својот роден град, напишал дека Струмица е убава затоа што има женско име. Јас само би додал дека убавината на градот е поради убавината и големината на неговата душа.
Како еден од сите струмичани кои ја споделуваат таа душа, сакам да кажам дека е голема честа и задоволството за Струмица, да биде град – кандидат за членство во Меѓународната Асоцијација на градовите – носители на порака на мирот, а истите ќе бидат уште поголеми по приемот во истата.

Напишете коментар