Струмица е единствената општина во која се реализира проектот „Имам право да знам што јадеше денес моето дете“

Струмица е единствената општина во Република Македонија која што го реализира проектот „Имам право да знам што јадеше денес моето дете“ и со тоа им даде можност на родителите да ги видат условите во кои се подготвува храната за нивните деца. Проектот почна да се имплементира од средината на месец март со голема поддршка на градоначалникот Зоран Заев. Директни учесници во овој проект се родителите на децата кои што престојуваат во градинките на територијата на општина Струмица.
-Идејата за да се реализира овој проект беше поттикната од можноста да се анулира или намали загриженоста на родителите за престојот на нивните деца во градинките, како тие се хранат, како им се подготвува храната и во какви услови. Пред да почне со реализација проектот помина низ повеќе фази од кои првата беше информирање на родителите за целите на проектот, формирање повеќе групи од родители кои ќе бидат контролори во градинките и на крај обуки на тимовите од родители за да знаат на што треба да внимаваат при вршењето на контрола во градинките, а тоа значи како се складира храната во магазините и под какви услови, како се подготвува и на крај како таа им се дели на дечињата. Со непосредно, директно вклучување на родителите во овој проект за контрола на градинките, за овој краток период, можам слободно да констатирам дека резултатите се позитивни. Има добра соработка меѓу родителите и персоналот во градинките и на тој начин овој проект е одржлив и во зависност од тоа колку родителите ќе бидат заинтересирани и понатаму да учествуваат во контролата на градинките, толку време и ќе опстојува проектот.Сите родители кои имаат деца во некоја од градинките, без никакви услови и ограничувања, можат да се вклучат во реализацијата на истиот, а се со цел сите деца кои престојуваат во градинките да бидат згрижени на најдобар можен начин. Ефектот од овој проект е да имаме здрави и среќни деца во градинките, рече Дивна Молчанова, советник за заштита на деца во општина Струмица.

Напишете коментар