Специјално за Струмица Портал од Брисел, нашиот соработник Ристо Ѓоргиев

Утрово кога го отворив прозорот, надвор беше прекрасен ден. Сонцето силно светеше, нешто што во ова време од годината, не е типично за Брисел. Неможев ни да замислам колку нетипичен ќе биде денов. Канцеларија каде работам се наоѓа на Шуман, само една станица пред Малбек. Токму во моментот кога влегол на работа се прошири веста дека по двете на аеродромот, експлодирала уште една бомба на метро станицата Малбек.

Веста ни ја донесе колегата кој секојдневно ја користи таа станица за да дојде на работа.Во моментот кога стигнале на станицата Шуман, возот запрел и војската и полицијата викајќи и брзајќи ги евакуирале сите патници.  За неколку минути целиот тој крај беше преплавен со полициски, пожарни и амбулантни возила.

Утрото кое изгледаше  преубаво, се претвори во вистински хаос. Полицијата се обидуваше со сите сили да ја стави ситуацијата под контрола. Европските институции веднаш беа затворени и останаа затворени до доцна попладне. Луѓето кои беа внатре мораа да чекаат ситуацијата да се смири пред  да заминат дома. Училиштата, продолжија со работа додека родителите стигнат да ги земат своите деца. Метрото, трамвајскиот и автобускиот сообраќај  веднаш беа прекинати, и со мали исклучоци се уште не се воспоставени.  Училиштата и јавниот превоз ќе останат затворени и утре. Аеродромот, барем до крајот на неделата. На граѓаните им е речено да не ги напуштаат своите домови доколку не е потребно, а оние кои патуваат на работа да останат дома. Засега поголеми собири се забранети, иако голем дел се насобрани пред бриселската берза за да запалат свеќи за покој на починатите.

Но Брисел, не дозволи да биде скршен, ниту фрлен на колена.

Иако стравот и паника се се уште присутни, во текот на денот ситуацијата почна брзо да се нормализира. Помалите продавници  останаа отворени, а луѓето полека го премостија хаосот и стравот и почнаа да се враќаат на нормалниот живот. Присуството на полицијата и војската е зголеменоо пред важните објекти и на одредени делови и улици во градот. Во некои делови од градот, како оној во кој јас живеам речиси и нема полиција и војска и се се одвива сосема нормално.

Брисел, градот симбол за интернационалност на денешиот сончев ден беше завиен  во црно. Но сите ние тука ја чекаме новата зора, која се надеваме дека ќе ни го врати Брисел онаков каков што од секогаш го знаеме: мирен, безбеден и полн со шаренолик живот.

Еве ексклузивни фотографии после нападот….

Напишете коментар