Советот на општина Василево ја одржа 53-та седница

Сите точки од предлог-дневниот ред на денешната 53-та седница на Советот на општина Василево беа донесени. Исклучок беше направен со Барањето за одобрување на просторија на користење во Задружен дом Илинден, Василево поднесено од ЛД „Фазан“ Василево, кое беше изземено од денешната седница со образложение дека е потребно барателот, ЛД „Фазан“, да достави дополнително објаснување во врска со бараната просторија. Денешниот дневен ред беше дополнет и со два предлози и тоа барање за одобрување на помош во градежни материјали на црковниот одбор во с. Едрениково и Предлог-одлука за утврдување на приоритет за реализација на Проект „Реконструкција и ревитализација на дел од улица од пошта до повеќенаменско игралиште во с. Василево. И овие два предлози беа усвоени од советниците.

Составен дел од денешниот дневен ред беа Кварталните извештаи за работата на општина Василево за првиот квартал односно, Кварталниот извештај за извршување на Буџетот (К-1), Кварталниот извештај за доспеани а неизмирени обврски (К-2) и Кварталниот извештај за промените на состојбата на задолжувањето (К-3) сите за периодот 01.01.2017 до 31.03.2017 година. Образложение за кварталните извештаи даде градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, кој рече дека во тековниот период од планираните 224 000 000 денари во буџетот на општина Василево, вклучително со единките корисници, двете основни општински училишта „Гоце Делчев“ и „Атанас Нивичански“ и детската градинка „Прва Радост“ реализацијата е околу 50 000 000 денари или изразено во проценти тоа изнесува околу 23%. Кај основниот буџет на општината реализацијата е околу 25 % или од планираните околу 130 000 000 денари реализирани се околу 33 000 000 ден.

Во расходниот дел, како што образложи градоначалникот, реализацијата е околу 25 %, па доколку во текот на следниот период се задржи темпото на реализација од првиот квартал, до крајот на годината буџетот ќе биде 100% реализиран и нема да има потреба од ребаланс- потенцираше градоначалникот Стојанов.

Без дискусија и забелешки беа усвоени и останатите точки од дневниот ред меѓу кои извештаите за самоевалуација на двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево и „Атанас Нивичански“, Нова Маала за периопдот 2014-2016 и извештајот за работа на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за 2016 год.

Напишете коментар