Со средства од БРР општина Василево ќе го реконструира Домот на културата во Нова Маала

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, во Скопје, потпишаа договор за реализација на проектот „Реконструјција и адаптација на сала на културен дом во спортска сала на основно училиште во с. Нова Маала“, согласно кој на општина Василево и се доделени средства во висина од 1 800 000 денари за реализација на проектот.

Со овие средства и со средства од општинскиот Буџет локалната самоуправа во наредниот период ќе ја заврши реконструкцијата на Домот на културата во населеното место Нова Мала и истиот ќе го адаптира во спортска сала за потребите на учениците од основното училиште „Атанас Нивичански“ и жителите од овој крај.

Во текот на минатата година општината ја има завршено првата фаза на овој проект, односно на целосно руинираниот објект завршени се градежните активности и поставен е нов покрив.

Во оваа фаза планирана е санација на објектот со поставување на нов под и таванска конструкција, обработка на внатрешни и надворешни ѕидови, поставување на нова алуминиумска столарија како и водоводна, канализациона, електрична и громобранска инсталација со што до неодамна руинираниот објект ќе биде реконструиран во современа спортска сала која ќе одговори на потребите на идните корисници.

Ставот на градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев е дека „со реализацијата на овој проект ќе биде постигната целта односно ќе се подобрат условите за работа во основното општинско училиште „Атанас Нивичански“ во кое настава посетуваат учениците од населените места Нова Маала, Доброшинци, Чанаклија и Висока Маала, а населеното место Нова Маала ќе добие модерен објект изграден согласно современите прописи и стандарди во кој ќе можат да се организираат и други спортски настани и манифестации“.

По денешното потпишување на Договорот, следниот чекор кон целосна реализација на проектот е распишување на тендер од страна на општина Василево, за избор на фирма која ќе ги извршува работите на терен, односно целосна имплементација на проектот.