Со предавањето на клучот од градот,официјално започна годинашното карневалско празнување

Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, денеска на градскиот плоштад, му го предаде клучот на градот на Александар Цицимов претседател на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал со што и официјално започна годинашното карневалско празнување.

-Го дочекавме денот кога повторно му се радуваме на почетокот на карневалските свечености во нашиот град. Овој почеток, како и минатата година, така и годинава, симболично го одбележуваме со примопредавање на клучот на градот, клучот кој од денес па се до крајот на свеченостите ќе биде во рацете на „струмичките карневалџии“. Тој клуч тие го заслужуваат, затоа што по нивна заслуга, Струмица ја добива својата највесела физиономија. Во тоа име и во името на повеќевековната карневалска традиција, имаме право да се надеваме дека и оваа година Струмичкиот карневал ќе ги оправда своите високи позиции во европски и светски рамки, а сите пропратни активности ќе му дадат дополнителен оригинален квалитет.
Драги карневалџии, клучот на градот од денес е Ваш. Чувајте ми ја Струмица и отворете ги сите нејзини влезни врати, за сите добронамерници од земјата и странство. Овој град не е голем колку што е голем, ами е голем колку што може да собере гости. А кога ќе ми го вратите клучот, сакам на него да бидат прикачени илјадници насмевки од карневалските свечености. Нека ни е успешен и вековит Струмичкиот карневал, рече градоначалникот Јаневски.
На стартот на карневалското празнување беа подигнати и знамињата на Република Северна Македонија, ЕУ и карневалското знаме.

Напишете коментар