Синоќа отворена изложбата „Нескротлива енергија“ на Александар Филев

Во центарот за култура „Антон Панов“ синоќа беше отворена изложбата на познатиот струмички и македонски сликар и мозаичар, Александар Филев. На љубителите на ликовната уметност, Филев им понуди 100 дела создадени во последните три години. Изложбата насловена „Нескротлива енергија“ за отворена ја прогласи градоначалникот, Коста Јаневски.

-Еден од најистакнатите и најпродуктивните творци кои го одбележуваат актуелното струмичко ликовно милје, е без сомнение, познатиот струмички и македонски сликар и мозаичар, Александар Филев, кој својот генетски код, заедно со сопствениот влог и љубовта кон уметноста, ги преточува во извонредни ликовни продукти, кои се вистински „специјалитети“ за љубителите и добрите познавачи на ликовната уметност. Тие дела станаа препознатливи за неговиот творечки стил и креативен сензибилитет, па така, многумина ликовни „сладокусци“ денес можат непречено да ја детектираат неговата експресивност, да покажат кон некое дело кое првпат го гледаат и да кажат: „е тоа е Александар Филев“. Ретки се тие ликовни творци, кои верно му служат на стилот кој го негуваат, и како такви стануваат препознатливи за најистенчените вкусови од ликовната публика.
Вечерва имаме задоволство да уживаме во една исклучителна изложба на Филев, која авторот ја насловил „Нескротлива енергија“, преку која, како да сака, во исто време да ја покаже сопствената творечка енергија и енергијата на делата кои ги создал. Тоа е таа комуникација помеѓу делотворецот и делото, преку која сликата му возвраќа на авторот за неговиот вложен труд. Тоа е таа взаемност и сродност која можеме да ја наречеме: „на љубовта со љубов“.
Во оваа импозантна бројка од стотина дела со потписот на Александар Филев, работени во техниката „масло на платно“, а создадени во последните три години, ќе препознаеме исклучително моќни суштества, како што се коњот, бикот и орелот. Ако коњот е симбол на моќта и издржливоста, бикот на силата, плодноста и доминацијата, а орелот на слободата и воинственоста, тогаш заеднички именител на ова племенито животинско тројство е енергијата која најчесто е нескротлива. Таквата енергија не признава мали пространства, па можеби токму затоа, Филев најчесто ја спаструва на големи платна, давајќи и слобода каква што заслужува, рече градоначалникот Јаневски.

Напишете коментар