Се реновира училиштето во с.Седларци

Деновиве интензивно се одвиваат градежни активности на ПУ „Гоце Делчев“ во с. Седларци, каде со средства обезбедени од ЕУ фондовите преку Интеррег ИПА Програмата за Прекугранична соработка меѓу Р.Бугарија и Р. Македонија се врши целосна реконструкција на училишната зграда, во која настава посетуваат учениците од 1-5 одделение од ова населено место.

Денес увид во текот на градежните активности изврши градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, придружуван од дитекторката на ООУ„Гоце Делчев“, г-ѓа Емилија Котева.

„Се работи за целосна реконструкција на училиштето со што истото ќе стане енергетски ефикасно. Училиштето ќе добие термо фасада, нова енергетски ефикасна столарија односно прозорци и врати, фотофолтаични панели за производство на електрична енергија за потребите на училиштето и на повеќенеменското игралиште како и топловодно греење на пелети“, изјави градоначалникот Стојанов, кој притоа нагласи дека со реконструкцијата на ова училиште општината ги подигна на едно повисоко ниво, условите во кои се одвива основното образование, бидејќи сите училишта независно дали се подрачни или централни се реновирани и реконструирани.

Вкупната инвестиција е околу 2 600 000 денари за градежните активности, и според проценките на градоначалникот истите комплетно треба да завршат за десетина дена.

Изведувач на градежните работи е компанијата АНОЛ-ИМПЕКС од Скопје.

Директорката на училиштето г-ѓа Емилија Котева е категорична дека и покрај тековните градежни активности, во понеделник и во ова училиште како и во сите останати ќе започне новата учебна година и наставата ќе тече нормално бидејќи преостанатите градежни активности ќе се одвиваат во попладневните часови кога нема настава и во викендите.

Благодарност до градоначалник Стојанов и за се она што општина Василево го има инвестирано и изградено во село Седларци изрази Тони Лазаров жител на ова населено место. „ Имаме одлична соработка со градоначалникот Стојанов и со општината. Благодарни сме дека за еден релативно краток период во нашето населено место изграден е патот, една селска улица, повеќенаменското игралиште и сега се реконструира училиштето.“ изјави Лазаров.

Напишете коментар