Се одржа свечена академија по повод Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Во салата на домот на АРМ, синоќа, се одржа свечена академија по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј. За нивниот живот и дело зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
-Повеќе од сигурно е дека славните солуњани, браќата Кирил и Методиј се централни личности на севкупната словенска самобитност. Нивната заслуга како создатели на првото словенско писмо, првите преводи од грчки на словенски и старословенски јазик , е несомнено огромна и трајна. Денеска, тешко може да се замисли, каков ќе бил патот на етничкиот и духовниот развој на словенските народи и каде би се нашле тие меѓу другите народи во Европа, да не бил тој судбоносен потфат на нашите Свети браќа. За нив може многу да дознаеме од бројните пишани документи, како што се литургиски служби, тропари, канони, житија, похвали, историски списи, познатите „Панонски легенди“ и уште многу, многу други непроценливи сведоштва. Иако биле прогонувани и обвинувани за ерес, Просветителите и нивните ученици ја продолжиле својата света мисија. Своето правоверие Кирил и Методиј, под принуда, го продолжиле во Рим каде со големи почести биле примени од Папата Адријан Втори. Тој ги одобрил македонско-словенските Богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата „Санта Марија Маџоре“. Дури и богослужбите во три цркви, по негова наредба, биле водени на словенски и црковно-македонски јазик. По смртта, најпрвин на Кирил, а потоа и на Методиј, нивната слава и славата на нивните ученици останала да се негува низ годините и вековите, се до денешни дни, а така ќе биде и за вечни времиња. Денес кога се поклонуваме пред глаголицата и кирилицата и кога го славиме делото на солунските браќа, мора да се потсетиме дека Апостолите на Словените во 1980 год. од страна на Папата Јован Пале Втори беа прогласени за сопокровители на Европа. Почитувани просветни работници, од името на градоначалникот Зоран Заев, од мое лично име и од името на Советот на општина Струмица, ви го честитам утрешниот празник со желба Светите браќа Кирил и Методиј да ви бидат урнеци и водилки во Вашето работење. Секогаш сметајте на поддршката од општина Струмица за Вас и Вашата благородна професија, рече Христов.
На академијата беше изведена богата програма во чест на Денот сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.

Напишете коментар