Се одржа сообраќајно – воспитната манифестација „Детски семафор“

Општина Струмица преку Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, традиционално учествува во организацијата и спроведувањето на сообраќајно – воспитната манифестација „Детски семафор“. Викендот, во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ се одржа годинашното издание на натпреварот на кој учествуваа 60 ученици од неколку основни општински училишта.
Во поздравниот говор до нив, претседателот на Општинскиот одбор, Зоран Узунов, рече дека безбедноста на децата и младите во сообраќајот претставува приоритет на сите општествени субјекти, а сообраќајните натпревари на учениците од основните училишта имаат за цел пошироко да ги ангажираатучениците за стекнување и проширување на знаењата од областа на сообраќајно – техничката култура, како завршен дел од работата на сообраќајно – техничкото образование и воспитание на учениците изведена низ редовните наставни содржини и воннаставни активности.
И годинава натпреварот беше поделен во два дела, теоретски кој се изведува во електронска форма и практичен со возење велосипед на посебен полигон.
Првото место во големата група машки го освои Давид Дончевски од ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица, второто место Христијан Стојанов од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле и третото место Јордан Мирасчиев од ООУ „Сандо Масев“ од Струмица. Во категоријата голема група женски, првото место го освои Сара Стојанова од ООУ „Сандо Масев“ од Струмица, второто Цветанка Колева од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле и третото место Зуле Коцева од ООУ „Маршал Тито“ од Муртино. Во мала група женски најдобар резултат постигна Марија Малијанска од ООУ „Мануш Турновски“ од Ново Село, втора е Сандра Баџукова од истото училиште и трета е Фиданка Јовева од ООУ „Маршал Тито“ од Муртино. Во малата група машки првото место го освои Бранко Партинов од ООУ „Сандо Масев“ од Струмица, второто Мартин Трајков од ООУ „Гоце Делчев“ од Василево и третото место го освои Кирил Делев од ООУ „Видое Подгорец“.
Во екипна конкуренција првото место го освои ООУ „Сандо Масев“ од Струмица, второто ООУ „Маршал Тито“ од Муртино и третото место ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица.

Напишете коментар