Ристо Ѓоргиев-Водоча – (не така) кратка историја – Хрс и Стрез

Смртта на Самоил ќе донесе нови бурни времиња во струмичката котлина. Водочкиот манастирски комплекс ќе биде оштетен во овој период, но веднаш потоа и обновен. Управувањето со Струмица ќе го преземе македонскиот достојник Драгомуж. Тој ќе владее со Струмица се до 1018 година, кога во Серес ќе му ја предаде владеењето на Василиј и Византија.

Алексиј I Комнин

На самиот почеток од XII век Струмица повторно се споменува во византиските пишани извори. При една од своите минувања низ струмичката котлина во 1106, царот Алексиј I Комнин го посетил неодамна изградениот манастир „Света Богородица Елеуса”, кај селото Вељуса а подоцна ќе отседне и во Водоча.

Со слабеењето на Византија во XII, ќе дојде до создавањето на второто Бугарско царство, под водство на браќата Петар и Асен. Ваквиот развој ќе го искористи македонскиот крупен феудалец Добромир Хрс, кој ќе се осамостои во струмичката котлина. Добромир Хрс одреден период за главен град на својата независна феудална држава ќе ја има Струмица, се до освојувањето на тврдината Просек.

До ваквиот развој на настаните дошло затоа што Хрс влегол во сојуз со бугарскиот цар Калојан и со својата војска навлегол во Серската област. Потоа се свртел кон долината на Вардар и ја освоил тврдината Просек, на влезот во клисурата на Вардар (денешната Демир Капија), по што Струмица престанува да биде негов главен град.

Во 1119 година новиот византиски цар Алексиј III Ангел, ќе започне поход против Хрс. Овој поход ќе биде неуспешен. Како награда за победата на Хрс, неговата феудална држава ќе биде признаена, а тој ќе се ожени со ќерката на византискиот протостратор Маноил Камиц. За жал, ваквиот успех ќе биде краткотраен, затоа што Алексиј III со измама ќе успее да му ја освои Струмица и да го покори Хрс.

Цареви Кули

По отстранувањето на Хрс, струмичката котлина ќе продолжи да живее во еден бурен период. Во Просек, главниот град на Хрс, еден друг крупен феудалец — Севастокрар Стрез (1207—1214) ќе се осамостои и создаде нова држава. Неговите амбиции ќе бидат уште поголеми од тие на Хрс, па така во почетокот на XIII век, тој влегува во борбата за испразнетиот бугарски престол, по смртта на Калојан. Неговиот обид ќе биде неуспешен.

Смртта на Стрез, фреска од трпезаријата во манастирот Хиландар (1622)

Неуспешниот обид и опасноста по неговиот живот ќе го натера Стрез да побегне и да се засолни кај српскиот цар Стефан Немања. Сепак, и од Србија, тој ќе продолжи да дејствува и ќе ја продолжи својата борба. Стрез ќе го искористи фактот што истовремено, на исток од Струмица, со седиште во тврдината Мелник, се одметнува уште еден крупен феудалец Алексиј Слав. Стрез на Слав ќе му понуди воен сојуз, против бугарската држава. Ваквиот сојуз ќе биде многу корисен и за двајцата, па како последица на истиот реката Струма ќе стане граница на нивните сојузнички држави.

По смртта на Стрез, струмичката котлина и Водоча влегуваат во составот Солунското Кралство на деспотот Слав, а по неговото пропаѓање, ќе бидат вклучени во Епирско деспотство. По овој период, Стумица ќе ја освои и бугарскиот цар Иван Асен II но само на кратко. По неговата смрт струмичката котлина ќе се врати во рацете на Византијците.

Нејасно е што точно се случува во овој период се до доаѓањате на српскиот цар Стефан Душан. Има одредени историски индиции и претпоставки дека во тоа време, уште еден феудалец, под името Хрељо, имал своја независна држава на просторот меѓу Штип и Струмица. Ваквите индиции можат да се најдат во документи кои се во архивите на манастирот Хиландар.

Царот Стефан Душан во врвот на својата моќ, ќе реши да ја докусури Византија, па во 1332 ќе го започне решавачкиот поход за нејзино конечно освојување. Се претпоставува дека во 1334 година, Струмица за прв пат ќе падне во српски раце.

Македонија пред да биде превземена од Османлиите

Душан за свој главен град ќе го одреди Скопје, што ќе придонесе за и до ден во српската историографија Вардарска Македонија да се нарекува Стара (или Јужна) Србија. По смрта на Душан, Српската држава брзо се распаѓа, па Македонија ќе потпадне под осамостоениот крал Волкашин и неговиот брат, деспотот Углеша. Во нивното кралство, Струмица, ќе му биде доделена на војводата Богдан, кој ќе биде задолжен за нејзиното управување, но за жал за него не постојат повеќе историски податоци.

Битката на Марица

Новото кралство кратко ќе владее со струмичката котлина. Црни облаци кои обично се формираат над езерото и преку речниот тек доаѓаат над Водоча, сега ќе надојдат од подалекиот југ. Османлиите се незапирливата сила која руши се пред себе, и кога еднаш ќе ти фрлат мерак ништо не ги запира.

Крали Марко

Нивното надоаѓањето ќе биде уште по незапирливо поради расцепканоста на балканските феудалци. Одлучувачката битка за Струмица и Водоча, ќе се случи 1371 година кај реката Марица. Османлиите тешко ќе ги поразат Волкашин и Углеша. Нити Волкашин, ниту Углеша нема живи да го напуштат бојното поле. Со тоа ќе се создаде вакуум во владеењето на струмичката територија, затоа што Крали Марко ќе успее да го задржи само тако нареченото Прилепско кралство.

Заземањето на македонските градови започнало веднаш по Маричката битка. Иако нема точни податоци кога, многу е веројатно дека најдоцна во 1373 година Струмица била освоена. Ваквите претпоставки доаѓаат од фактот што, во 1383 година на Крит веќе се продавале робови, меѓу кои имало луѓе по потекло од струмичката котлина. Колку и дали некои од нив биле од Водоча не се знае. Но за секој случај, Крит и ден денес не е омилена нити посетенувана туристичка дестинација за водочани.

Струмичка каза

По заземањето на Струмица од страна на османлиите, ќе дојде до огромни промени. Една од првите е промената на името па така таа че биде нарекувана Уструмџе. Водоча пак ќе го задржи своето име. Струмиџа била центар на Струмичката нахија, и кон неа бил вклучен Радовиш и некои села од радовишко. Струмичката нахија како основна административно-територијална единица била вклучена во Ќустендилскиот санџак, во кој се наоѓале уште 21 нахии. Целата територија на Ќустендилскиот санџак била поделена на четири кази и тоа: Ќустендилска, Штипска, Врањска и Струмичка каза. Во Струмичката каза биле опфатени подрачја на Струмичко, Малешевско, Бојмија, Конче, Тиквешко, Петричко и Мелничко. Според тоа, власта на струмичкиот кадија се простирала или опфаќала седум нахии.

За Водоча тука започнува една нова доба на перипетии…

Ристо Ѓоргиев

Напишете коментар