Ристо Ѓоргиев-Водоча – (не така) кратка историја – Беласичка битка

Годината е 969, Милно е важен епархиски центар, чија историја за многу кратко време целосно ќе се промени. Западно од него полека се раѓа Македонската средновековна држава, под водството на Самоил. Вековниот македонски сон почнува да се остварува и за кратко време, Струмица станува дел од Самоиловата држава.

Цар Самоил

Улогата на Струмица и Водоча воопшто нема да се промени, напротив, ќе почне да станува се позначајна. Важноста на струмичката тврдина се потврдува со фактот што таа ќе биде управувана од самоиловите браќа. Најпрвин, таа чест ќе ја има Мојсеј, се до неговата смрт, за подоцна тврдината да биде преземена од Арон.

Поради својата стратешка важност и географска позиција, струмичката котлина ќе биде изложена на чести, краткотрајни судири помеѓу самоиловите војници и Византијците, на чие чело во тој момент се наоѓа Василиј II. Интересно е тоа што Василиј е член на така наречената Македонска династија.

Василиј

Македонската династија ќе го добие своето име по Василиј I (често именуван како Василиј Македонецот), а владеела со Византија од 867 до 1056 година. Василиј I инаку роден во градот Едрене, а потекнува од ерменско-македонско семејство. Неговата приказна е неверојатно необична. Барајќи си ја среќата, дошол во Цариград, каде благодарение на својата голема физичка сила, станал коњушар на царскиот двор. Со тоа започнало неговото необично издигнување, за на крајот да успее да успее и да седне на императорскиот трон.

Да се вратиме на „нашиот“ Василиј, кој е решен да и стави крај на Самоиловата држава. За да ја оствари таа цел, тој со чести маневри навлегувал на нејзината територија и ја напаѓал самолоивата војска. За да го спречи ваквиот развој на настаните, Самуил го проучивал начинот на дејствување и движење на византиската војска. Со своите војсководци, успеал да ги утврди рутите кои византијците ги користеле, и се одлучил да му поставил блокада точно на влезот од струмичката котлина. Бидејќи, Струмица се наоѓала на така наречениот „царски пат“, Самуил одлучил дека теснецот, помеѓу Огражден и Беласица е идеално место за дрвена тврдина, која ќе и го попречи патот на византијците.

Древени тврдини, или прегради исто нарекувани и думи

Тука над дрвената дема (преграда) Самоил ги поставил најдобро обучените војници, а на падините ги распоредил своите најдобри стрелци. Ваквите информации доаѓаат од Јован Скилица (византиски историчар), кој клисурата ја нарекува и Кимба Лонга (страната каде што е Петрич) што во превод значи „долго поле“, а е збор од влашко потекло и Клидис (Струмичката страна) што значи клуч, а е збор со грчко потекло.

Беласичка битка

Летото 1014 година, Василиј II решил повторно да започне една од своите „екскурзии“ па ја поминал реката Струма и директно се упатил кон градот Струмица, со цел да го освои. Но тука наишол на изненадување. Демата која тука стоела била сериозна пречка за византиската војска, а ќе придонесе за големи загуби за византиската војска и долга битка.

Византиските обиди да ја пробијат демата биле неуспешни, а тоа го охрабрило Самоил да преземе уште похрабар чекор, што ќе се покаже како кобна грешка. Самоил ќе го испрати својот војсководец, Несторица, еден од највлијателните големци од тоа време, со дел од војската кон Солун, со цел да се отворат два фронта и да се подели византиската војска.

Приказ за тоа како се одвивала битката

Пресвртот во Беласичката битка ќе се случи токму тука. Вотанијат кој бил Солунски управител заедно со својот син Михаил, пред ѕидините на Солун крваво ќе ја разбие војската на Несторица. Да биде ситуацијата уште полоша, Вотанијат, гонејќи ги Самуиловите војници, стигнал до самата Клучка клисура.

Неочекуваното појачување ќе го промени текот на битката. Според Скилица, Василиј размислувал и сакал да се повлече, но бил разубеден од Никифор Ксифија кој му предложил лукав план. Според планот, Никифор Ксифија требало со својата војска да ја заобиколи планината Беласица и да се спушти од другата страна, па од зад грб да го нападне Самоил, додека Василиј паралелно ја напаѓа од предната страна на дрвената крепост.

1000 години од Беласичката битка, на спомен обележјето во Мокриево

Изненадувачкиот напад на Ксифија, го свртува вниманието на бранителите, а тоа ќе го искористи Василиј II, кој успеал да ја сруши демата. Па така на 29 јули 1014 година ќе дојде до голема битка меѓу двајцата владетели. Таа се одвивала во самото подножје на планината Беласица на просторот меѓу Клучката Клисура и денешните села Борисово и Мокриево. Во оваа битка учествувал и самиот Самоил. Самоиловите војници биле целосно поразени, а самиот Самоил одвај ја избегнал опасноста да биде заробен. Го спасил неговиот син Радомир, кој храбро ги одбивал нападите, успеал да го качи татка си на коњ и да го одведе во Прилепската тврдина.

По битката Василиј II се упатил кон тврдината Мацукион која се наоѓала во подножјето на планината Беласица и откако ја разурнал заминал кон другата тврдина Термица, која се наоѓала во близината на денешната бања Банско, но не успеал да ја освои и затоа се упатил кон Струмица.

Според Јован Скилица, додека траела опсадата на Струмица византискиот владетел го испратил Теофилакт Вотанијат со еден дел од војската, со цел да и обезбени безбедно враќање на војската назад за Солун, преку Дојран за Кукуш. На овој потег, Гаврил Радомир веќе имал поставено повеќе заседи. Кога Теофилакт Вотанијат поминувал кон Солун, бил пропуштен, но кога се враќал назад кон Струмица, бил нападнат и целата византиска војска била уништена. Како одмазда за Беласичката битка, Гаврил Радомир лично го убил Теофилакт Вотанијат. Кога византискиот владетел разбрал за смртта на својот војсководач, полудел од лутина и решил крвнички да се одмазди.

Поглед на Клисурата каде се ослепени Самоиловите војници кога и приоѓате од селото

Легендата вели дека Василиј II уште пред да ги крене опсадите на Струмица, Мосинопол и Мелник, стациониран во селото Василево, (кое се претпоставува дека го добило името поради неговиот камп), наредил сите заробени војници да бидат ослепени.

Клисурата гледана од задниот дел кога се пристапува кон селото

Поради затвореноста од сите страни, клисурата на реката Водочница, била идеална за чување на затвореници. Токму тука, иако денес не постои ни еден споменик или паметник поставен на ова место, ќе се случи грозоморниот чин. Секој стоти војник ќе добие едно око со цел да ги води назад кај Самоил другите целосно ослепени војници. Околу точната бројка на ослепени војници, сѐ уште се полемизира. Според историски податоци, Василиј со себе имал 45 илјади војници, но за толку колку броела војската на Самоил, нема точни податоци.

Реката Водчница на само неколку метра по напуштањето на Клисурата и влегувањето во селото

Некои историчари сметаат дека Самоил севкупно имал 15 илјади војници а само 8 илјади биле ослепени, но денеска преовладува бројката од 14 000 или 15 000 ослепени војници. Тука е историскиот крај на Милно, од тој момент понатаму селото ќе биде ословувано Вади очи, па Вадиоча, а нешто подоцна тоа ќе срасне во Водоча.

Одредени теории пак сметаат дека името на селото Водоча е изведено од апелативот вода со додавката -оча, и всушност оригинално е Водица.

Овој настан ќе остави печат и на други села во струмичкиот регион, вклучувајќи ги тука Свидовица, Робово и Колешино. Народните преданија тврдат дека името Свидовица останало затоа што сите селски жени останале вдовици, Робово – затоа што сите селани биле одведени во ропство а Колешино, оти селото било подложено на страшен колеж.

Слика на која е преставена смрта на Самоил откако ќе ги види своите војници

На сличен начин, името ќе го добие и реката Црна река. Вака осакатени, самоиловите војници се упатуваат кон Прилеп, а преминувајќи ја надојдената река, според легендата, многумина ќе се удават. Така оваа стравотна битка засекогаш ќе остане во македонската колективна свест. По шокот кој ќе го доживее од страшната глетка, Самоил ќе добие срцев удар и ќе почине, така забрзувајќи го процесот кој ќе доведе до распаѓање на македонската држава. Но за Водоча, тука не е крајот…

Напишете коментар