Ристо Ѓоргиев -Парацетамол П / 500 демократија

Пред неколку дена случајно наидов на еден интересен демант на Министерството за Здравство. Имено, Министерството морало да реагира за да спречи ширење паника, околу наводно (не е вила на Водно) отровниот парацетамол, кој бил високо ризичен, смртен и пренесувал боливиски вирус.Capture

Така читајќи веднаш заборавив на историските и клучни избори за иднината на земјата. (не оние пред овие, кои исто така беа одлучувачки за иднината на Македонија, и тие пред оние).

Си викам, ти мајката, ти си мислиш изборите ќе ти ја одлучат иднината, а ќе си погинеш од парацетамол, без да видиш кој ќе те краде наредните 4 години.

Што ти е живот, тегла компот.

Искрено да ви кажам, кога се испостави дека веста е лажна, камен од срце ми падна.

Не сум се почувствувал така ослободено, од денот кога Груевски потврди дека всушност, жолто комбе прислушувало по земјава и дека нема криминал оти се е монтирано, лепено и сечено.

Морам да признаам, додека го читав постот за парацетамолот, етапно, ко владин план, размислував дали може оваа исконска, од бога дадена нација, по неуспешниот обид да се уништи со ХАРП, сега повторно да е нападната од странски служби.

Веднаш пристапив кон анализирање на постот за парацетамолот и извлеков остроумни заклучоци, ко асистентот на Тодоров со IQ 160.

Еве на пример, читам, парацетамолот пренесувал некој боливиски вирус.

Одма си викам, ние сме безбедни. Ние оној од Белизе го преживеавме, овој боливискиов, е ко боза од “Бисер”за нас. Знаете за кој говорам де, оној од Белизе, кој предизвикува златна треска, загуба на била каква хуманост или човечност , елиминација на опозиција, купување телевизии итн.

Понатаму пишува: “Парацетамолот бил, бел и сјајен и многу опасен”.

downloadСи викам, што беше тоа во нашево државиче, бело, сјајно и многу опасно. И оп, Миле ми текна, ние сме вакцинирани од бели палати и дворци и од тоа нема што да cе плашиме.

П / 500 имал голема смртна стапка, пфф, си викам, па нам и така шансите да преживееме со оваа здравство ни се 50/50. Ако го земаме тој парацетамол, што ќе се случи?

Одма, ко вистински македонец, земам билтен, вадам дигитрон, да пресметам коефициент, па дропки, па ово оно, и еве на конечна пресметка добивам, дека имам поголема шанса непартиски да се вработам, отколку да го добијам вирусот.

Си викам, слободно купи си 2 ленти и со чашка ракија испиј си ги, ич да не ти чуе.

Па читам: “ве молам споделете да ја споделите оваа порака со сите луѓе на вашата листа на контакти“.

Си викам ова ќе биде ко прошетка во паркови, кои се поретко ги има во Македонија. Ние македонците сме ти мајстори во праќање штапски пораки. Арно ама ме фати постов на штос. Не пишува од која партија треба да се членовите, па си викам 10 за ДПМНЕ, 10 за СДСМ доволно ли ќе се?

Почнува некој внатрешен немир да ме јаде, ко што партиски функционер јаде месо од бизон, си викам, да се јавам во штаб да прашам, не дај боже да препратам нешто што не треба.

beti-apelacija-0893983298-400×210Ко Бети кога влегува во Шератон, елегантно и нечујно, ми дојде мисла в глава, како ли им било бе на моиве во Југославија?

Мора да им било страшно, живееле во едноумие, ништо со своја глава не одлучувале. Не смееле да имаат мислење поразлично од партијата, морале да го следат лидерот секаге, ма катастрофа. Ние сега раат си чиниме, удобно ко Грујо во Мерцедес, само препраќаме порака и државна платичка си тече. Што би рекол Колозов: “препрати си, азното само ќе си дои”.

Наредно во постот стои: “Напред, како што е примен”.

Се замислив малку. Си викам, сега напред како партиски војник или како судија на платен список. Едно незгодно ми падна, си викам, дај објави ова на ФБ, немој во партија да си правиш проблеми.

Зедов и јас го објавив тој статусот за парацетамолот, си викам спасив живот, ко “За заедничка Македонија”, што ја спаси Македонија, од еднојазични плакати на ДПМНЕ. Веднаш се почувствував важен, како оние 20 луѓе кои стојат зад лидерот, додека тој чита соопштение.

Откако ја завршив мојата граѓанска должност, веднаш како секој одговорен и чесен македонец, вклучив телевизија да ги следам дебатите за локални избори кои секако ги нема.

Слушам така и се чудам, како стигнавме до новата ера, а кога заврши старата? Како може криминалци да водат нова ера, кога не сме ја ни завршиле старата?

Почна да ме боли глава, а едно незгодно, дома само парацетамол П / 500.

Се дерам од тераса: Комшоо дај од тој стариот парацетамол!!

Комшијата, па се дере од другата страна: а бе не си прај филм, а стариот, а новиот, ист парацетамол, различно паковање!download

Си викам, во право е комшијава, еве 100 дена откако го препакуваа парацетамолов, а и овој не помага многу во судски разврски на криминални активности.

Комшијата пак убеден, вика комшо што се 100 дена, тек ќе покаже новиов.

Му викам: а бе комшо, Македонија е веќе со години пациент на отровен парацетамол, а само пакувањето се менува. Парацетамол демократијава не донесе на колена, а белава чума, уште малку ќе не сотре.

И така додека јас и комшијата се расправаме дали е отровен или не, политичарите само го препакуваат и препродаваат.

Пациенти на претек. Зависни се, им треба нова доза. ДПМНЕ или СДСМ, не е важно. Не е важно дали е отровен или не, важно е да се преживее до наредните избори кога ќе излезе парацетамол П / 501. Ај па може тоа пакување ќе лечи.

Напишете коментар