Ристо Ѓоргиев-Мајстори за манипулација

Манипулацијата е едно од главните полтички оружја за доаѓање и задржување на власта. Во ерата на интернетот и медиумите, политичарите имаат безброј опции како ефикасно да го манипулираат јавното мислење во своја корист.

raci
Мајстори за манипулација

Од нивното доаѓање на власт па се до денес, сведоци сме на едно перфектно политички одработено владеење на ДПМНЕ. Партијата се служи со сите можни манипулативни трикови кои постојат без никаков обѕир, притоа не обрнувајќи внимание на никакви морални или етички норми.

Накратко еве десет примери на политичка манипулација кои ДПМНЕ до перфекција ги владее:

Дискредитација (Ad hominemargument) – дискредитација на прашање или тврдење со изнесување на неосновани или лажни факти за партија или личност, без притоа да се одговори на прашањата или обвинувањата кои се поставени
Благодарејќи на огромната медиумска моќ ДПМНЕ лесно и едноставно може речиси секоја дискусија да ја пренасочи во спротивен правец, со подмолни, неосновани и тенденциозни обвинувања. Примери во овие десет години има илјадници, како селективната лустрација, острата и константа кампања „На Заев не може да му се верува“, до дискредитација на секоја

zaeF
„На Заев не може да му се верува“

личност, новинар или интелектуалец кој се осмелува да ја критикува власта. Со дискредитација на луѓето кои ги поставуваат прашањата, партијата не одговара на релевантните прашања или тврдења за злоупотреба на должости и криминал.

Стигматизација (Dirty hands argument) – користење на тврдења дека политичари или групи на луѓе не му мислат добро на општеството, со пренагласување на нивни одредени минати постапки или грешки
Верувам дека барем еднаш сте прочитале наслов за „Аболицираниот криминалец Заев“, “творецот на криминалната приватизација во Македонија Бранко“ итн. Ваквите стигматизации помагаа граѓаните лесно да се оттргнат од одредени политички идеи со инсистирање на „вина по соучество“ кое им се наметнува на симпатизерите или поддржувачите на одредени групи или политичари.

Zaev-apsenje-Zurnal
Аболицираниот криминалец Заев

Привлечност на авторитет (Appeal to authority) – создавање релевантни извори или интелектуалци чии информации и анализи имаа единствено меродавно значење за креирање на јавно мислење.
Создавање на квази интелектуалци и медиуми, се заштитен знак на ДПМНЕ. Партиските телевизии често цитираат портали, фејсбук статуси и мислења на „еминентни интелектуалци“ како Латас, Мирка или Миленко. Ваквото создавање на „релевантен авторитет“ може и директно да се види преку макотрпното креирањето култ на личноста за лидерот на партијата. Сезнајниот и сеприсутен Никола, речиси секогаш точно знае се, од земјоделие до нуклеарна физика, па неретко можете да го видите како дели совети на фармери како да одгледуваат крави, на земјоделци како да посадат, иако тој самиот никогаш во животот не бил во контакт со овие дејности.

Емоционална манипулација (argumentum ad misericordium) – манипулативна техника која преку користење на емоции се обидува да ги натера масите да прифатат или отфрлат одредена идеја или мислење, спротивно на аргументите и фактите
krstv
Крстот планиран да никне во Бутел

ДПМНЕ вешто и умешно ја користи оваа тактика со пренагласеното „патриотско однесување“ и дискредитирање на сите други опции како предавнички. Константното инсистирање на „не продавањето на името“ во комбинација со „заштитување на македонизмот“ придонесуваат за вешта манипулација на емоциите на граѓаните. Од друга страна користењето на настани како „Диво Насеље“ и градење на цркви и крстови покажуваат дека ДПМНЕ не се ограничува на било какво етичко или морално ниво, ни при користењето на верските и национални чувства за манипулација на граѓаните.

Поделба на табори (Black-boxing) – поделба на граѓаните во неколку различни табори, на база на раса, религија, националност итн.
Ваквата техника е многу едноставна но неверојатно ефективна. Од своето доаѓање на власт, активно работи на партизација на држава и поделба на граѓаните во два табори: „наши“ и „ваши“. Ваквата поделба јасно може да се види во секојдневието, преку вработување, поделба на субвенции, контра-протести па дури и поделба на хуманитарна помош. Партизацијата на државата и овозможува на партијата да создаде поголем табор и без никакви пречки целосно да го покорува замислениот противнички табор.

Страшила (Bogeymen ) – создавање на политички фигури или групи, кои според партијата се непријатели или му мислат лошо на општеството
Не постои подобар пример од одлично организираните кампањи на ДПМНЕ најпрвин против Црвенковски а подоцна и против Заев, во кои тие се користеа со сите можни средства да ги

bra
Бранко „Папата“

оцрнат или претворат во „страшила“ опозициските лидери. Ваквиот пример често се користи и за групите кои се осмелуваат да протестираат против власта, како на пример Шарената Револуција, за која партиските медиумите не штедеа ни време ни простор за да ги оцрнат.

Општо добро (Тhe Common Good) – користење на „народот“ и „општо добро“ како апстрактни поими за креирање програми кои пред се придонесуваат за индивидуално богатење
Македонија за само неколку години стана двојно задолжена земја. ДПМНЕ ги користи прескапите инфраструктурни проекти, Скопје 2014, владини кампањи за трето дете итн. за богатење без да одговори, каде и како се трошат парите. Ваквите проекти се користат за финансирање на партиските паразити и апарат кои успешно работат на добивање на наредните избори.

Промена на контекст (Context-dropping) – променување на контекстот на нешто што било кажано или од политички противник или од припадник на сопствената партија
Огромната пропагадна машинерија деноноќно работи на променување на контекстот на речиси се што било кажано или од опозицијата или од власта во зависност од тоа каква е реакцијата на граѓаните. Пример за ваквото однесување се сечените изјави на опозиционерите, каде што се изоставуваат важни делови од изјавата за да се добие погрешен контекст, не пренесување на преслушкуваните разговори (бомби), сценариските изјави на Никола Груевски итн.

download
Напред со „Лидерот“

Културен Марксизам (Cultural Marxism) – создавање на унифициран поглед кон културата, општеството и творештвото во целост
ДПМНЕ себе си се дефинира како десна партија, но секој комунистички теоретичар може да биде горд на нивната посветеност кон унифицирање на речиси се со гледиштето на партијата. Налудничавото инсистирање на барок, ново испишување на историјата, умртвување на критиката, слободното творештво и културната разноликост е незапирливо. Паријата не дозволува креативност надвор од рамките на пропишаното, одејќи дотаму што во нејзинито седиште денеска ѕидовите ги красат слики во комунстички стил. Културниот марксизам е доведен до совршенство.

Диверзија (Diversions) – насочување на вниманието кон тривијални и неважни расправи со што се прикриваат важните и критични настани
Не постои поголем експерт за оваа стратегија од ДПМНЕ. Списокот на настани кон кои се насочува јавноста не може да го собере ни во државната библиотека. За време на големите задолжувања или скандали поврзани со криминал, на јавноста веднаш и се наметнува тривијална тема. На пример: жолтото комбе кое прислушкуваше, пираните во Дојран, министри за еден ден итн.

download (1)
Дојрански пирани

Списокот на манипулативни техники со кои се користи ДПМНЕ не престанува тука, напротив ова е само краток преглед на основните средства со кои од држава станавме партиска администрација и земја во која ненормалното е целосно нормално. Секако, ДПМНЕ, ниту ги измисли ниту воведе овие техники, но до совршенство ги искористи за неприкосновено владеење. Во одредена мерка сите парии користат вакви техники за остварување на своите цели, проблемот во конкретниот случај е тоа што не постојат никакви морални или етички граници кои партијата ги почитува. Ваквото однесување целосно ја еродираше демократијата и државата во целост.

Успехот на ДПМНЕ е во голема мера потпомогнат од огромната медиумска империја и анемичноста на опозицијата. Создавање на ад-хок тела со цел да се намали способноста на ДПМНЕ манипулативно да маневрира, е несериозно и во најмала рака политички аматеризам. Опозицијата продолжува да потпишува договори кои ДПМНЕ со леснотија политички ги маневрира и купува време за што подобро да го зацврсти згработ над државата. Изборите кои следуваат на 11. Декември се уште една прилика на дело да се види фасцинантната политичка машинерија за манипулирање.

Македонијо заврзи ги појасите и „уживај“ во новото возење со мајсторите за манипулацијата.

Напишете коментар