Ристо Ѓоргиев-Глаголот „градење“ е во минато време

Се обидував со месеци да ја најдам вистинска реченица, изрека, поговорка.. што и да е… де наша, де латинска, де англиска, која ќе го опише лудилото од владеење на СДСМ во последно време.

Некако, не успевав да го доловам вистинскиот тон ни значење, а тоа некако ми тежеше како камен во буре расолница. Но, во мака ми се најде неочекуван спасител. Анита Бегова, жена со срце и душа од злато. Ми подаде рака и ме спаси од филозофско давење, и Сизифовско туркање расолни камења.

„Обвинетите не се виновни, затоа што се обвинети за минато дејство, ГРАДЕЊЕ, а во кривичниот законик глагол ГРАДИ е во сегашно време“ – херојски и со славејски глас воскликна младата дама, а срцето на присутните силно затрепери од возбуда.

Ваков гениј од времето на Тесла не е виден на овие балкански простори. Каков мангуплук, вистински афродизијак за сите македонски мангупи кои цел свој живот сонуваат да го измамат системот. Уште една победа на угнетениот македонски народ против поробувачот и угнетувач – Турски Кадија…

Или грешам? Да не беше тоа пред едно 100 години?

Токму ваквиот менталитет го донесе ова плодно парче земја до пустош. Доаѓањето на власт, на квази интелектуалци, криминалци, лажни бизнисмени и пред се МАНГУПИ, е главната причина што Македонија е на дното на сите можни категории во Европа.

Она што ДПМНЕ го започна, поприлично го доврши, СДСМ го презеде и доусоврши. Она што некогаш беше Диме Спасов, сега е Драги Рашковски. Она што порано беше Гордана Јанкуловска сега е Оливер Спасов.

Но најважно од се она што некогаш беше Груевски, сега е Заев. Само што за жал Грујо не се сети да си се постави и за министер. Аматерски!

Заев 1:0 Груевски

Анита е апсолутно во право, глаголот „градење“ не само што е минато време, туку и во минато свршено. Неповторено. Претпоставувам од негде пред Југославија да се рапсадне. Од тогаш до сега, само глаголот „КРАДЕЊЕ“ е во сегашно а богами и идно време.

ДПМНЕ го помина своето време во „градење“ на својата криминална империја. СДСМ доби влада на подарок за да гради подобра иднина за сите.

Но, тие решија да ја продолжат градежната револуција и да ги доградат, пренатрупаната администрација, популизмот, неспособноста, непотизмот, корумпираното судство и гнилежот во општеството.

Затоа, капа доле Анита, никој никогаш подобро не ја опишал Македонија од тебе. Глаголот „градење“ ко на пример, институции, работни места, мала администрација итн. никогаш нема да биде во сегашно време.

Па затоа и Латас доби ослободителна пресуда, затоа што во Македонија во сегашно и идно време „градат“ само мангупи како него, ние будалите, уште сме презафатени со членување на глаголот и барање казни за минати криминали.

Путуј Европo, не не чекај.

Напишете коментар