Ристо Ѓоргиев- Една изборна единица спас за Собранието?

Според Уставот, Македонија е дефинирана како „парламентарна демократија“. Почнувајќи од член. 61 па се до член. 78, јасно се дефинираат сите права, обврски и функции кои Собранието ги извршува, се со цел да се обезбеди владеење на демократијата и правото.

Пратениците во Македонија се избирани на непосредни и демократски избори на кои право на глас имаат сите граѓани со наполнети 18 години. Изборниот систем во државата е заснован на пропорционален систем, поделен на шест изборни единици, кој дава 120 пратеници, плус три пратеници кои се резервирани за дијаспората. Во ваквиот систем партиите предаваат однапред креирани затворени листи на кандидати за пратеници. Ваквиот модел им овозможува на партиите лесно да ги одредат кандидатите кои имаат реални шанси да добијат мандат и на тој начин да ги потчинат, што јасно го крши членот. 62 кој гласи: „Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување“.sobranie_na_republika_makedonija

Сегашниот модел е заснован на пропорционален систем на распределба, креиран од белгискиот математичар Д’Онт, кој ги фаворизира големите политички партии и коалиции. Ваквиот систем за распределба на мандатите е воведен во 2002 година, со што и започна пропаѓањето на парламентарната демократија, која и дотогаш, речиси и не постоеше. Првиот парламентарен состав вбројувал дури 11 различни политички партии, а ова импозантна бројка оттогаш е во константно опаѓање. Па така во 2002 година, 7 партии се дел од парламентот се до конечната смрт на повеќе партискиот систем во 2008, кога само 5 партии се во парламентот. Пет партии не се малку, но ако се знае дека всушност тоа се по две партии од двете најголеми етнички заедници тогаш станува јасно дека сегашниот изборен систем создава двопартиска хегемонија.

grafikon2Ваквата хегемонија ја уништи македонската демократија, затоа што создаде систем на партиска послушност, во која Собранието е сведено на тело составено од луѓе кои само ги потврдуваат одлуките на извршната власт. Не паметиме кога Собранието донело одлука спротивна од таа на владејачките партии во владата, со што се потврдува нефункционалноста на истото како главен законодавен орган. Репутацијата на Собранието е толку лоша што граѓаните повеќе се запознаени со скандалите за одделни пратеници, како на пример испадите на синот на Претседателот на Собранието, патните трошоци на одделни политичари, исфрлањето на пратениците од собраниската сала на 24. Декември, отколку законите и проблемите кои е задолжено да ги решава. Сегашниот систем на избори им овозможи на ВМРО и ДУИ целосно да го парализираат и елиминираат собранието од било каква суштинска дебата или одлука, со што де факто парламентарната демократија повеќе не постои.

Кога веќе е јасно дека ниту овој, а ниту претходните изборни модели овозможија вистински развој на нешто што е пропишано со Уставот на Р.М. тогаш што е наредниот чекор. Со „договорот од Пржино“ со кои сите големи партии ја испраа својата вина за безизлезноста во која се наоѓа државата и си договорија имунитет од сите кривични дела кои ги направија, се предвидува создавање нов изборен систем. Новиот изборен систем би требало да ја врати демократијата (ако некогаш ја имало) и да овозможи поголема и поправична застапеност за сите.

Создавањето на една изборна единица од државата би можело да биде клуч за решавање на многу проблеми. Една изборна единица би дозволила создавање на отворени листи на политичките партии, во кои до израз можат да дојдат личните квалитети на самиот кандидат и да му се дозволи на гласачот самиот да ги избере кандидатите кои смета дека треба да добијат мандат. Исто така, им дозволува на кандидатите да ја избегнат сегашната ситуација на „вазалство“ кон политичката партија која ги номинирала.download

Доколку шпекулациите во јавноста се точни сегашниот систем им овозможува на партиите да ги обврзат кандидатите на послушност со потпишување меници и бланко оставки уште во фазата на формирање на листите, нешто што секако новиот систем би целел да го елиминира.

Една изборна единица би требало да создаде граѓански парламент, што ќе им овозможи на помалите партии, полека но сигурно, да ја заменат големата четворка и нивната политичка доминација. Во однос на дијаспората, повеќе нема да се добиваат три пратеници, кои се огромен товар на буџетот а се избрани со само 300 гласови, туку нивните гласови ќе се сметаат во нивното место на раѓање или живеење.

Со укинувањето на трите пратенички места за дијаспората, а сепак зачувувањето на нивното право да гласаат, ќе се анулира ситуацијата „три од карти“ пратеници кои ВМРО, постојано ќе ги добива од дијаспората со што е ќе се израмни теренот за натпревар. Една изборна единица е најдемократски систем затоа што секој глас се вреднува единечно и гласовите на малите партии не се губат низ различни единици. Со влегувањето на малите партии во парламентот, се создаваат можности за поинакви владини коалиции од сегашните и поголема наклонетост кон дијалог.

Секако, постои и теоријата дека со влегувањето на многу партии во собранието се создава хаос и тешкотии во донесувањето на одлуки што секако е апсолутно неточно. Напротив ваквиот систем создава поголема отвореност за дијалог, демократија и контрола на владините потези. Ваквиот систем би треба да ја врати моќта на одлучување, дебатата и вистинскиот глас на собранието.

images (1)Македонија на само 10 месеци пред новите предвремени избори се наоѓа на вистински крстопат. Стариот изборен систем е неодржлив. Во ситуација на целосна партизација, неизвршен попис повеќе од десет години, не чистење на избирачкиот список, Македонија е во ќорсокак. Предвремените избори и големите мајски граѓански протести треба да им послужат на политичарите како мотив за создавање на нов транспарентен и демократски систем, за враќање на моќта на собранието како чувар на демократија, коректор на владините политиките и заштитник на националните интереси. Воведувањето на една изборна единица, прочистување на избирачкиот список, организирање на попис и департизација и професионализација на ДИК, се нешто што ќе донесе долгорочни благодати и конечно ќе ја заживее демократијата која уставно е пропишана, ама никогаш почувствувана во Македонија.

За жал верувам дека како и се досега и оваа шанса ќе ги одмине нашите политичари во наредниве 10 месеци, во кои тие ќе се фокусираат на политичката кампања и задоволување на незаситните политички интереси кои ќе продолжат да ја држат државата во заложништво.

ristogjorgjiev.wordpress.com/2015/09/01/една-изборна-единица-спас-за-собрание/

Напишете коментар