Ристо Ѓоргиев-Али Баба и четириесетте разбојници

Ако некогаш сте го гледале истоимениот цртан филм, тогаш сигурен сум дека ги паметите зборовите кои ја отвараат вратата од пештерата, полна со богатства.

Се што ви е потребно е да изговорите “Сезаме отвори се“ и наеднаш ги гоштавате очите со невидено азно. Е арно ама ако не ги знаете зборовите, пред вас стои една непробојна врата која под било каков притисок нема да се отвори.

15887931
Тие снимки не се снимки – Крсто Муковски 2017
Некако по асоцијација, ова ме потсетува на македонското собрание. Дебели, добро обезбдени врати, кои се зацврстени со метални шипки, за да не бидат пробиени. Всушност, собранието и е еден вид пештера, во која не би требало да влегува кој стигне и каде народното азно треба да се штити.

Арно ама некој сигурно го изговорил волшебниот збор, затоа што на 27ти Април, вратите сами се отворија.

Доколку сте ги гледале снимките на Телма и мислите дека Крсто ги отворил вратите, се лажете. Знам, знам, камерата убаво покажува се, тој беше единствен околу вратите, ама ете Крсто наш, вели дека не ги допрел. Ако мислите дека вашите очи не лажат, се лажете. Крсто не лаже, затоа што 11 години, четири телевизии, секојдневно не убедуваа дека ДРПМНЕ никогаш не лаже.

Искрено, јас му верувам, најверојатно Крсто само изговорил “Сезаме отвори се“ и оп, сами од себе вратите се отвориле. Не само што се отвориле туку и оп само од себе, Собранието и покажало на демонстрантите каде да се движат.

Јас, како мал го гледав истиов овој цртан филм на МТВ и затоа веднаш ми беше јасно дека Крсто не лаже. Токму за да му помогнам да ја поткрепи вистината, која официјалните снимки, снимени од камерите на Собранието ја лажираат, го пишувам овој текст.

Еве што навистина се случи:

Да ви помогнам да навлезете во цртаниот наречен Груевски и многуте разбојници, ох извинете грешка, Али Баба и четириесетте разбојници, замислете го Собранието како пештерата. Токму таа пештера, служеше како главно складиште и производител на големото азно, кое што владејачката партија со години го трупаше за себе.

На чело со Трајко, раководителот на пештерата, кој верно ги извршуваше наредбите на својот врховен лидер, Собранието направи се што беше можно Македонија да се пљачка без било каква контрола. Токму пештерата помогна да се уништи секоја можна здрава клетка, во и така гнилата администрација, да се дотолчи судството, да се потчини обвинителство и да се озакони грабежот.

Е арно ама, некој го начул волшебниот збор и им влезе во пештерата. Пештерата повеќе не беше безбедна.

Е сега приказната станува замрсена баш како и во цртаниот. Врховниот лидер, како и секој крадец, во голем страв дека ќе го изгуби азното, им наредува на своите подредени на секој можен начин да го сопрат овој црпнат црпко кој влегол и прави ршум во пештерата.

Црпнатиот почнува да прави различни перипетии, заплети и интриги, се продава на странски служби и со прифаќање на платформи се обидува да ги разниша чесните крадци, кои по волја на народот го грабат неговото азно.

Да ја скратиме приказната, оти верувам сте го гледале цртаниот, Врховниот лидер наредува Али Баба да се елиминира оти влегол во пештерата и сега азното не е безбедно.

Но постои проблем, натрапникот е безбедно во пештерата, а вратите на пештерата не се отвараат без волшебниот збор.

Народот, желен да продолжи да биде ограбувам од чесните крадци, е сега оставен на немилост и не може да им помогне на пречесните крадци да го остварат аманетот оставен од нивните предци.

15887931
Моментот кога Сезам – сам се отвара
Како во секоја добра драма следува вистинска кулминација и на сцена стапува херој.

Херојот, верен слуга на великот апаш, кален во душот на „за великиот се се отвора“, смело истапува и одеднаш, троа случајно, полн смелост, непокорна тврдокорност речиси ко на шала, некако на пола уста мрмори, јали „Сезаме отвори се“, јали “Се за мене отвори се“ и оп вратите се отворени.

(Е сега, кога бевме мали, братучет ми, никако не можеше да изговори „Сезаме отвори се“ па постојано викаше „Се за мене отвори се“, па веќе не сум сигурен кое од овие две е магичниот збор. Но, да се вратиме на приказната.)

Крсто, понизен слуга и голем послушник на великиот апаш, истапи да го спаси азното, свое и партиско, баш кога беше најпотребно, баш кога се кршеше „дал ќе би азно – ил нема да би азно“.

Народот магепсан од магичната моќ на Крсто вдахната во него од мудроста Семоќниот лидер, ита кон салата за прес конференции да го казни црпко што ја руши Македонија.

Да не ја тенчиме многу, да сакаа да го убијат – ќе го убиеа, така што тука ќе ставиме крај на таа дискусија.

Зошто Крсто не лаже дека ја отворил вратата од собранието?

Драги мои, Крсто го бранеше сето она за кое макотрпно работеше. Тој само го бранеше азното што со многу мака успеа „чесно“ да го стекне. Тој не ја отвори врата на собранието, затоа што тој објект одамна престана да биде баш тоа, тој отвори врата на пештера и врата за спас на последната надеж дека ќе ужива во украденото азно.

Е сега драги, мои ако ги помешав реалноста и цртаниот за Али Баба се извинувам, тенка е границата меѓу фикција и македонска реалност.

Поентата ми беше дека единаесет години ве пљачкаа и ви го вртеа цртаниот колку убаво живеете, а вие уште толку години ќе му верувавте на Крсто, а не на снимките.

Навистина, не знам уште колку време ќе ви треба да излезете од шарениот свет кој со години ви го цртаа, само се надевам дека сега кога “Сезам конечно се отвори“ никогаш повеќе нема да викаме “Се за мене отвори се“ за великиот лидер.
Автор-Ристо Ѓоргиев
https://ristogjorgjiev.wordpress.com/2017/05/30/%D0%B0%D0%BB%D0%B8-%D0%B1%D0%B0%D0%B1%D0%B0-%D0%B8-%D1%87%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%80%D0%B8%D0%B5%D1%81%D0%B5%D1%82%D1%82%D0%B5-%D1%80%D0%B0%D0%B7%D0%B1%D0%BE%D1%98%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8/