Промовирана социјалната карта на општина Струмица

Во салата на Советот на општина Струмица во домот на АРМ, денеска, се одржа промоција на Социјалната карта на општина Струмица. Оваа карта дава приказ на актуелните социо – економски и демографски специфики и увид во социјалната структура на жителите на општина Струмица.
-Оваа активност е во рамките на приоритетот за еднаков пристап до социјалните услуги за сите граѓани, а тоа е приоритет во стратегијата за социјална заштита на своите граѓани која што е усвоена од Советот на општина Струмица и една од главните мерки во таа стратегија е да се направи регистар на социјални услуги во општина Струмица. За да се направи ваков регистар најпрво мораше да се мапираат ранливите категории на граѓани во Општината и така ја изработивме Социјалната карта која што дава приказ на социјалната структура на жителите, односно, дава увид во социо – економската и демографската структура на општина Струмица. Оваа активност е во рамките на концептот општина по мерка на граѓаните кој што општина Струмица заедно со Фондацијата Отворено општество Македонија го реализира од 2014 година и ова претставува многу важен документ за општина Струмица и има голема улога во социјалната заштита и заштитата на социјално ранливите категории на граѓани во општина Струмица, рече Горан Сачевски координатор на проекти во Центарот на заедницата.
Според Санела Шкријељ, експерт во областа на социјалната заштита и автор на Социјалната карта, со изработката на овој важен документ, општина Струмица направи голем исчекор во социјалната заштита.
-Самата Социјална карта прави една кратка анализа во повеќе области и тоа домување, образование, социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување и здравствено осигурување. Врз основа на добиените официјални податоци од општината, со анализата врз постоечките документи и директните разговори што ги имавме со фокус групите, за секоја од овие области се извлечени конкретни препораки и мене лично ми е многу драго што општина Струмица веќе почнува со имплементација на некои од тие препораки се со цел повторно да се излезе во пресрет на потребите на сите ранливи групи на територијата на Општината, рече Шкријељ.
Општина Струмица, Фондацијата Отворено општество Македонија и Центарот на заедницата, една година работеа на изработката на Социјалната карта на општина Струмица.

Напишете коментар