Пристапна улица до новата индустриска зона во Градашорци

Градежните активности во општина Василево во овој период од годината зачестија се со цел да се подобри животот на самите граѓани кои живеат на оваа територија.
Локалната самоуправа Василево, деновиве интензивно работи на изградба на улицата 5 односно пристапната улица во новата индустриска зона во КО Градошорци. Со тоа сите градежни парцели, од т.н нова индустриска зона, која се простира од левата страна на магистралниот пат Струмица – Радовиш кај с. Градошорци, ќе добијат безбеден пристап, а истовремено истата ќе може да се користи и од жителите на Градошорци кои гравитираат кон овој дел од селото.

„Општина Василево континуирано вложува во индустриските зони и во индустрискиот развој на општината преку реализација на низа проекти кои се планирани со цел подобрување на условите за стопанисување на сите оние кои функционираат или во иднина ќе функционираат токму овде. Денес сме во посета на новата индустриска зона во Градошорци, во која во наредниот период од тековната година, очекуваме компаниите кои ги имаат купено градежните парцели да почнат со изградба на капацитетите“, изјави градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов при денешната посета на пристапната улица во Новата индустриска зона во Градошорци.

„Со изградбата на оваа улица сметаме дека ќе ги подобриме не само условите за функционирање на капацитетите што ги имаме во оваа зона, туку оваа улица всушност ќе претставува поврзување со самото населено место и истата ќе можат да ја користат и останатите граѓани, додаде градоначалникот Стојанов, нагласувајќи дека во втората фаза ќе следи и осветлување на улицата со цел обезбедување на побезбедни сообраќајни услови.

Улицата е со должина од 510 метри, ширина од 6 метри и бехатонска патека од двете страни со ширина од по 2 метри.

Вкупниот буџет за реализација на сите планирани активности е околу 12 000 000 денари од кои околу 10 000 000 се обезбедени од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 год. а остатокот се сопствени средства на општина Василево.

Според градоначалникот Стојанов улицата комплетно треба да биде завршена до крајот на август или септември, односно до крајот на оваа градежна сезона.

Изведувач на градежните активности е компанијата „Жикол“.

Напишете коментар