Прес конференција на кандидатот за пратеник од СДСМ на листа во ИЕ4, Коста Јаневски

Почитувани граѓани,

Погубните земјоделски политики на Никола Груевски и неговата Влада ги клекнаа на колена македонските земјоделци. Стихијните, наместо плански и стратешки политики, високите производствени трошоци и несигурниот пласман на земјоделските производи, го девалвираа трудот на земјоделците, го згазија нивното достоинство. Наместо да имаат развојна димензија, субвенциите станаа алатка за партиска послушност и зависност.

Со Планот за живот во Македонија, ќе се стави крај на непланскиот развој на земјоделството и сите капацитети ќе бидат насочени кон создавање развиено и конкурентно земјоделско производство кое ќе го врати достоинството на македонскиот земјоделец.

Ќе спроведеме насочување на земјоделските субвенции кон вистинските земјо- делци и промена на моделот на субвенционирање. Во периодот од 2007-2015 година од предвидени над 800 милиони евра за субвенционирање на земјодел- ството и руралниот развој, исплатени се само 60-70%. Овој факт е појдовна точка за поправање на состојбите во земјоделските политики.

Финансиската поддршка за земјоделството ќе изнесува 160 милиони евра годишно, или, 640 милиони евра за четири години. Ќе овозможме еднаквост во остварувањето субвенции од земјоделскиот буџет, ќе ја елиминираме досегашната практика на нередовна, селективна и ненавремена исплата на овие средства. Во согласност со целта за исплата на субвенциите, тие ќе бидат поддршка за земјоделецот во периодот кога тој има најголеми вложувања во процесот на производството–поледелците овие средства ќе ги добиваат пред сеидбата (специфично за секоја култура), градинарите ќе ги добиваат во април-мај пред расадувањето, лозарите и овоштарите ќе ги добиваат во текот на месец март, на почетокот на производствената сезона, сточарите во јуни-јули, кога добиточната храна може да се обезбеди по најниска цена.

За секој нов хектар зафатена земјоделска површина, субвенциите ќе ги зголемиме за 20% над основната субвенција и за секое ново грло добиток со кое ќе се зголеми основното стадо, субвенциите ќе ги зголемиме за 30% над основната субвенција. Ќе овозможиме субвенционирање на втори култури каде условите тоа го овозможуваат, односно ќе воведеме т.н. двојно субвенционирање за втора култура.

Ќе ги стопираме сите злоупотреби и ќе ги поедноставиме процедурите за субвенции. Целосно ќе го ставиме во употреба системот кој, врз основа на снимки од воздух, ќе ја утврди моменталната состојба на земјоделското земјиште со што ќе се намалат можностите за злоупотреба. Воедно, системот ќе го искористиме за забрзување и поедноставување на процедурите за доделување субвенции и полесен пристап до ЕУ фондовите за рурален развој.

Почитувани земјоделци,

Вие и вашите семејства заслужувате достоинствен живот. Не дозволувајте повеќе да ве злоупотребуваат и да го девалвираат вашиот труд. Не дозволувајте да ги добивате само трошките од субвенциите како досега, а партиските шефови и земјопоседниците блиски до власта да добиваат со капа и шака. Ставете крај на погубните политики во земјоделството. Земете си го тоа што ви припаѓа со закон, а не да зависете од милоста и уцените на партиските војници на ВМРО ДПМНЕ.

На 11 декември изберете го Планот за живот во Македонија. Заокружете го бројот 4 и обезбедете си сигурна иднина за вас и вашите деца.

Напишете коментар