„Порака“ одржа две работилници со поддршка на општина Струмица

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица, во соработка со Младинскиот клуб при општинската организација на Црвениот крст ја реализираа заедничката работилница насловена „Учиме прва помош“. На оваа работилница, волонтерите од Младинскиот клуб им покажаа на членовите од „ПОРАКА“ како со газа и завој да прават преврска, како да користат стерилни ракавици, да даваат вештачко дишење и да ги препознаваат броевите на итната помош, пожарната и полицијата. Сите добија пакетче со стандардни и прирачни средства за прва помош и прирачник по прва помош.

Исто така, членовите на „ПОРАКА“ беа во посета на основното општинско училиште „Никола Вапцаров“ каде што заедно со стручниот кадар во училиштето и ученици од одделенската настава, а како дел од креативната работилница насловена „На час по ликовно“, се изработуваа заеднички цртежи и колажи.

Овие работилници се дел од проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“ кој „ПОРАКА“ го спроведува во партнерство со „ПОРАКА“ од Скопје и здружението за млади „АДОЛУС“ од Струмица, а со финансиска поддршка на општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита за 2015 година – трансфер до НВО. Главната цел на проектот е интеграција и социјализација на лицата со интелектуална попреченост во пошироката општествена средина, согласно индивидуалните можности и способности на овие лица, а особено преку нивно поврзување со младите кои немаат пречки во менталниот развој.

Напишете коментар