„Порака“ ја пренесува пораката на лицата со интелектуална попреченост

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Струмица продолжува со реализацијата на проектот „Заедно да ја пренесеме пораката на лицата со интелектуална попреченост“ кој финансиски е поддржан од општина Струмица преку V2 Програмата за социјална заштита за 2015 година. Минатата недела се одржаа две работилници насловени „Заедно креираме!“ со здружението за млади „АДОЛУС“ од Струмица, основното општинско училиште „Видое Подгорец“, децата од парохијата „Свети Иван Крстител“ од Струмица и дневниот центар за лица со посебни потреби од Гевгелија.
Првата работилница се одржа во просториите на социјалниот клуб на „ПОРАКА“ каде што членовите и учениците од „Видое Подгорец“ изработуваа заеднички цртежи, колажи, бојадисуваа саксии и други фигури. Втората работилница се одржа во црквата „Свети Иван Крстител“, а на која гости беа децата и младинците од дневниот центар за лица со посебни потреби од Гевгелија. Покрај заедничкото дружење преку изработка на заеднички цртежи и колажи со ликови на светци, за забавата се погрижи и младата музичка ѕвезда Трајче Ѓоргиев, кој подготви и мали подароци за учесниците на работилницата.
Од „Порака“ велат дека преку овие заеднички активности се врши приближување на лицата со интелектуална попреченост до секојдневните социјални, културни и забавни активности на младите, односно, до образовниот процес на учениците во основните училишта во општина Струмица, а тоа е и главната цел на проектот, интеграција и социјализација на лицата со интелектуална попреченост во пошироката општествена средина.

Напишете коментар