Почнаа Отворените забавни фудбалски школи во Струмица

Денеска по 16-ти пат започнаа Отворените забавни фудбалски школи во кои учествуваат над 200 деца од основните училишта „Сандо Масев“, „Видое Подгорец“, „Маршал Тито“ и „Никола Вапцаров“ од Струмица. Целта е децата да се дружат меѓусебе играјќи разни игри поврзани со фудбалот, без разлика на полот, возраста и фудбалското знаење. Овие школи девет години по ред се финансирани од буџетот на општина Струмица, а за отворени, денеска, ги прогласи претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.


Интегрален текст од обраќањето на Христов
Струмица отсекогаш бил и ќе остане спортски град, а кога фудбалот е во прашање, тогаш неоспорен е фактот дека нашиот град со години и децении наназад претставувал вистински расадник на одлични фудбалери кои го прославиле струмичкиот и македонскиот фудбал. Доволно е да се споменат имињата на Горан Пандев, Благој Истатов, Васил Рингов, Благој Ѓоргиев, Атанас Грнчаров, Аце Стојков, браќата Попови, Зоран Балдовавалиев и уште многу други, и да констатираме дека тоа е навистина така. Но Струмица и понатаму продолжува да ја негува таа традиција и да создава нови генерации талентирани фудбалери. Академијата „Пандев“ и Фудбалските клубови Беласица и Тиверија го прават тоа во своето секојдневно работење, а Општина Струмица реализира и поддржува разни проекти и активности кои се во функција на афирмацијата, популаризацијата и растежот на овој спорт. Дел од тие активности секако се и „Отворените забавни фудбалски школи“ кои се одржуваат по шеснаесетти пат, а веќе деветта година по ред, се финансирани од Буџетот на Општина Струмица. Причинува задоволство фактот дека годинава во овој исклучително корисен проект, ќе учествуваат 200 деца од основните училишта „Сандо Масев“ , „Видое Подгорец“, „Никола Вапцаров“ и „Маршал Тито“ , без разлика на полот, возраста и нивното досегашно фудбалско знаење. Целта на овој проект е децата да се дружат меѓусебно преку разни игри поврзани со фудбалскиот спорт. Другарувањето, стекнувањето нови пријателства, јакнењето на здравиот дух и запознавањето со фудбалската игра, се само дел од бенефитите кои ги носи овој проект.
Поздравувајќи ве сите вас од мое лично име и од името на градоначалникот Зоран Заев и општина Струмица, и изразувајќи надеж дека проектот ќе ги даде посакуваните резултати, а децата ќе уживаат во предвидените активности, 16-те Отворени забавни фудбалски школи во Струмица ги прогласувам за отпочнати.

Напишете коментар