По десетти пат меѓународен турнир во одбојка на песок во Струмица

Струмица по десетти пат е домаќин на меѓународниот турнир во одбојка на песок во машка и женска конкуренција во организација на одбојкарскиот клуб „Струма“. Покровител на турнирот во кој учествуваат натпреварувачи од Македонија, Бугарија и Косово е општина Струмица. Натпреварите се одржуваат на тениското игралиште до базенот „Аквариус“, а турнирот за отворен го прогласи градоначалникот Коста Јаневски.

-Струмица во изминативе скоро осум децении, колку што трае организираното играње на оваа интересна и возбудлива спортска игра во градот под Царевите Кули, е расадник на врвни одбојкари. Струмичани кон одбојката имаат посебна симпатија, па дури и неизмерна љубов. Не случајно Струмица е прогласена за храм на македонската одбојка, а костурот на македонската одбојкарска репрезентација со години го сочинуваат одбојкари од нашиот град. Можеби е нескромно, но сакам да истакнам дека општина Струмица отсекогаш ги препознава вистинските спортски вредности и постојано го помагаме овој спорт преку издвојувања на средства од буџетот, кои секоја година се зголемуваат. Тоа е така, бидејќи успесите на нашите одбојкари се и успеси на сите граѓани на општина Струмица. И со овој турнир нашиот град и нашата општина продолжуваат да живеат заедно со одбојката. Струмица била, е и ќе биде град на одбојката, град на спортот и град на спортистите и секогаш ќе ги промовира високите спортски достигнувања. Токму поради ова, а како вистински пријатели на спортистите, општина Струмица континуирано финансиски ги поддржува сите спортови, клубови и поединци, домашни и меѓународни натпреварувања. Тие се и ќе бидат меѓу нашите приоритети. И на овој меѓународен турнир уште еднаш ќе ја потврдиме нашата гостопримливост, добра организација и се надевам дека гостите – учесници на турнирот од Бугарија и Косово, од нашиот град ќе заминат со прекрасни спомени. Почитувајќи ги спортистите и спортот воопшто и годинава ја прифативме понудата општина Струмица да биде покровител на овој меѓународен турнир во одбојка на песок. Така ќе биде и понатаму. Ние ќе бидеме ваши поддржувачи и пријатели, рече Јаневски.

Напишете коментар