Отворени денови за Граѓанско обрзование

Во општина Струмица шест основни училишта се дел од училиштата во државата, кои организираат отворени денови за Граѓанско образование, на коишто учениците презентираат младински иницијативи кои се резултат од реформите во Граѓанското образование. Според акционите планови за реализација на овие отворени денови, учениците подготвиле различни активности, произлезени од тематските содржини од наставниот предмет граѓанско образование.
Така, минатата недела, учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса, дебатираа на темата за етички кодекси во училиштето, а учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиље, реализираа тематска дискусија за човековите права и одговорности. Во ООУ „Никола Вапцаров“ од Струмица, учениците во салата на Советот на општина Струмица, реализираа парламентарна дебата за донесување на закон за пушењето. Во овој период завршија и активностите во ООУ „Маршал Тито“ од Струмица и ООУ „Маршал Тито“ од Муртино, а се подготвуваат и отворените денови со учениците од ООУ „Сандо Масев“ од Струмица.
Овие иницијативи и активности произлегуваат од новата наставна програма по Граѓанско образование. Новиот концепт подразбира активно учество на учениците во конкретни ученички иницијативи за позитивна промена во заедницата преку коишто се развива демократската култура кај младите. Процесот на реформирање на Граѓанското образование го водат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, поддржани од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието и Проектот за јакнење на мултиетничката соработка во општините на Детската фондација „Песталоци“.
Општина Струмица, како партнер во овој проект, активно дава поддршка во планирањето, следењето и реализацијата на сите активности поврзани со меѓуетничката интеграција и интеркултурната комуникација и соработка во училиштата и локалната заедница.

Напишете коментар