Општинската комисија за проценка на штети ги известува граѓаните да ги пријават штетите од снежните врнежи

Врнежите од снег кои што ја зафатија општина Струмица во текот на овој месец предизвикаа материјална штета за која веќе има пријави од граѓаните. Претседателот на Комисијата за утврдување и процена на штети од природни непогоди при Советот на општина Струмица, Ацо Ѓоргиев, денеска, преку медиумите упати апел до граѓаните кои имаат претрпено штети, барањата да ги поднесат во најбрз можен рок за да се изврши увид и процена на штетите.
-Поради снежните врнежи кои што ја зафатија територијата на општина Струмица во текот на месец јануари, имаме пријави од граѓани за причинета материјална штета. Поради тоа, Комисијата за утврдување и процена на штети од природни непогоди при Советот на општина Струмица, ги известува сите граѓани на општина Струмица кои имаат материјална штета на пластеници, стакленици, како и штети на градежни објекти, да дојдат во просториите на Општината и да поднесат барање за увид и процена на штетата. Комисијата, согласно законските права и обврски кои ги има според Законот за заштита и спасување, уште во текот на оваа недела ќе излезе на терен да врши увид и процена на штетата. Затоа се замолуваат граѓаните кои што имаат штети од снежните врнежи, барањата да ги достават во најбрз можен рок. Откако ќе бидат извршени процените на штетата, истите се доставуваат до Републичката комисија за процени на штети од природни непогоди и други несреќи, а потоа и до Владата на Република Македонија која одлучува дали и колку проценти ќе биде обештетувањето, рече Ѓоргиев.

Напишете коментар