Општината ја заврши Проценката на Штетите од Поплавите на Потег Владата

Претседателот на комисијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица, Ацо Ѓорѓиев, денеска, на прес конференција ја информираше јавноста за целокупната состојба со исплатата на обесштетувањето на граѓаните од поплавените населени места.

Интегрален текст од прес конференцијата:

Поради големиот број на јавувања од граѓани од поплавените населени места во општина Струмица, сакаме да информираме дека Комисијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица, ја заврши својата работа согласно законските обврски и во законскиот рок и тоа работејќи според Законот за заштита и спасување и Единствената методологија за процена на штети кои се законски основ за работа на Комисијата.
Двата извештаи за процена на штети беа доставени до Републичката комисија за процена на штети од природни непогоди, од каде беше потврдено дека извештаите се комплетни и дека се навремено доставени.
Во периодот кој следуваше не добивме никакви информации што се случува со целокупната состојба околу евентуалната исплата на обесштетувањето од поплавата, се до моментот кога случајно дознавме дека претставници од општински комисии за процена на штети биле повикани во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, заради дополнителни информации и консултации, без притоа да бидат повикани претставници од Комисијата за процена на штети од општина Струмица.
По наше барање остварена е средба во Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на која добивме насоки да се врши повторна обработка на поднесените барања за процена на штета и тоа според Законот за земјоделие и рурален развој, поред кој Закон општинската комисија нема надлежности.
Но за да им излеземе во пресрет на граѓаните за да можат побрзо да бидат обесштетени, Општинската комисија започна со повторна обработка на барањата за процена на штети, според дадените насоки од Министерството за земјоделие.
Јавно прашуваме:
-Дали ќе бидат обесштетени сите подносители на барања за процена на штети, како за штетите настанати од поплавата на земјоделските површини така и штетите настанати во куќите и помошните простории;
-Дали обесштетувањето ќе се врши според пресметките направени од Општинската комисија за процена на штети или според процена направена од некоја друга институција;
и најважното
-Кога и на кој начин ќе биде исплатено обесштетувањето?

Напишете коментар