Општина Струмица се вклучи во одбележувањето на Денот без автомобили

Општина Струмица денеска се вклучи во манифестацијата Ден без автомобили, а кој што се одржа во рамките на проектот „Европска недела на мобилност“ чија тема годинава е „Паметна мобилност – силна економија“. На плоштадот „Гоце Делчев“ се собраа поголем број велосипедисти и граѓани, претставници на општина Струмица кои испратија порака дека автомобилите кои ја загадуваат животната средина треба да се користат одговорно, односно, да се користат велосипедите како алтернативен начин на транспорт кој штеди простор за паркинг и не предизвикуваат бучава и загадување на животната средина, а беше промовиран и стрипот „Климата не е копче“. Присутните ги поздрави претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, кој порача дека мора да бидеме одговорни граѓани, ако сакаме самите да си помогнеме.
-Денес е последен ден од „Европската недела на мобилност“, проект на Европската Унија, во кој партнери во активностите се Европската Делегација во Република Македонија, ЕУ Инфо центарот од Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Во овој проект, кој овој пат се реализира под слоганот „Паметна мобилност-силна економија“, како и секоја година, така и годинава се вклучува и Општина Струмица во партнерство со Еколошкото друштво „Планетум“ и Велосипедскиот клуб „Актив“. Овој денешен ден го нарековме „Ден без автомобили“, кој опфаќа дефиле со велосипеди од струмичкиот плоштад, преку булеварот „Маршал Тито“ и старата чаршија, до зградата на Општина Струмица, марш за подигање на свеста кај граѓаните за штетното влијание на климатските промени, како и промоција на стрипот „Климата не е на копче“. Верувам дека и денес ќе испратиме јасна порака дека автомобилите кои ја загадуваат нашата животна средина, треба да се користат одговорно и дека треба да се избере таканаречен „паметен“ начин на транспорт. Тоа би значело, почиста животна средина, намалена бучава, подобро здравје и заштеда во семејниот буџет. Општина Струмица преку својата администрација, граѓаните, НВО секторот, месните заедници и други здруженија, со разни проекти и активности води континуирана грижа за подобрување на животната средина, со што секогаш е во чекор со тенденциите за имплементирање на стандардите на Европската Унија. Мора да бидеме одговорни граѓани, ако сакаме самите да си помогнеме. Ако Европската недела на мобилност ја претвориме во македонска или струмичка година на мобилност, тогаш сигурно ќе успееме во намерата да се наречеме луѓе со еколошка свест, рече Христов.
Денешниот настан го организираа општина Струмица, еколошкото друштво „Планетум“ и велосипедскиот клуб „Актив“.

Напишете коментар