Општина Струмица почна со реализација на проектот за 50 нови зелени површини

Ново катче за одмор и релаксација добија жителите на населеното место Градско Балдовци. Со тоа практично почна реализацијата на проектот за 50 нови зелени површини во општина Струмица со кој ќе биде опфатена вкупна површина од 10 илјади метри квадратни. Инвеститор е општина Струмица, а за реализацијата е одговорно јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“. Претставници на жителите од селото, на Општината и „Комуналец“ попладнево заедно уживаа во прекрасното ново катче за одмор и релаксација.
-Други населени места кои што се опфатени со овој проект се Сачево, Попчево, Дабиле, Добрејци и се уште се преговара со уште неколку населени места и се надевам дека ќе ги уредиме и тие. Уредување ќе имаме и во градот Струмица, каде што претежно ќе бидат уредени дворовите пред станбените згради тоа го правиме во согласност со претседателите на куќните совети и на некој начин и самата идеја дојде од самите граѓани и така заедно со нив ги уредуваме нивните дворови, поставуваме канти, летниковци, канделабри, патеки од бекатон, таму каде што има потреба, што значи нивните дворови ги оспособуваме како мали паркчиња. Се надевам дека иницијативи ќе произлезат и други станбени згради, ќе дојдат информациите до општина Струмица која ќе излезе во пресрет бидејќи имаме можност за уредување на уште неколку локации. Исто така, две локации ќе бидат уредени во детски игралишта, а ќе има и една фитнес зона која што ќе биде стационирана во градскиот парк и сметам дека овие 50 локации ќе бидат пријатно место за сите граѓани на општина Струмица, рече Петар Божинов член на Советот на општина Струмица.
Жителите на Градско Балдовци упатија јавна благодарност до градоначалникот Заев и Советот на општина Струмица за уредувањето на оваа јавна површина.
-Барањето за ова катче за одмор и рекреација беше од нас, граѓаните, а беше прифатено од градоначалникот и општина Струмица и оваа прилика ја користам да се заблагодарам на градоначалникот Зоран Заев и на Советот на општина Струмица што излегоа во пресрет на барањето на нашите граѓани. Инаку, ова катче претставува мал дел во една поголема целина која се наоѓа во центарот на селото, тука во непосредна близина е училиштето, тука е спортско – рекреативниот центар кој е осветлен и се користи за играње на мал фудбал, ракомет и кошарка, тука е домот на културата, а во скоро време дел од овој објект ќе биде преуреден во клуб на пензионерите, така што ова ќе претставува една целина во која што ќе уживаат сите граѓани од селото, почнувајќи од децата па до пензионерите и сите други, рече Костаќе Јанев, жител на Градско Балдовци.
Според Ленче Гудева, раководител на единицата „Зеленило“ при ЈПКД „Комуналец“ за секоја зелена површина се направени проекти во кои се испочитувани желбите и потребите на граѓаните.
-Јавното претпријатие „Комуналец“ од Струмица е одговорно за реализацијата на овој проект. Вкупната површина која што треба да се озелени изнесува околу 10 илјади метри квадратни. За секоја зелена површина се изработени проекти со хортикултурно решение со кое е направен избор на хортикултурни садници и на сезонско цвеќе кое треба да се засади на овие зелени површини. При изработката на проектите главно значење имаше желбата на граѓаните исто така и нивната потреба за да се направат пријатни места за релаксација и одмор за граѓаните кои што живеат во близина на овие локации, рече Гудева.

Напишете коментар