Општина Струмица ја одбележа 114-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев

Општина Струмица денеска ја одбележа 114 – годишнината од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пригодната свеченост се одржа пред споменикот на Делчев на истоимениот плоштад, на која за неговиот живот и дело зборуваше вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Еден век, една деценија и четири години одозгора. Ете толку време помина од оној тогашен 4. мај, до овој денешен 4. мај. Поминуваат 114 години без најголемиот меѓу големите, без најправедниот меѓу праведните, без највозљубениот во Македонија меѓу сите вистински возљубени во родината. По тој повод, повторно сме собрани на овој струмички плоштад кој го носи неговото име, пред споменикот подигнат во негова чест, на кој е прикажан како со раширени раце сака да ја гушне Македонија. Тоа е човекот, родољубецот, социјалистот, Македонецот, револуционерот…тоа е оној со кого се гордееме, оти покрај се, го красеа широки погледи кои му налагаа да го разбере светот, единствено како поле за културен натпревар меѓу народите. Тоа е тој, кому бројот 4 му беше судбина, оти името од четири букви му започнуваше на четвртата буква од нашата азбука, оти своето револуционерно дело го посвети на четирите свети букви на организацијата на која и беше верен, а згора на се, се роди на четврти и загина на четврти. Па така, и овој чеврти мај, во оваа 2017 година, му го посветуваме нему, на Гоце Делчев – најголемиот македонски син, најголемиот стожер на македонскиот непокор и на великанот на македонското револуционерно дело за ослободување од петвековното османлиско ропство. Сите датуми поврзани со животот и делото на Гоце Делчев, имаат особено значење за севкупната историја на Македонија, но 4. мај 1903 год. ќе остане забележан како еден од најтажните датуми во тој пребогат историски времеплов на нашава земја, рече Костадинов.
Тој додаде дека Гоце Делчев, беше и остана урнек за сите нас, како треба да се сака Македонија.
-Таа наша татковина не се сака со напразно чукање во гради и со лажно себепреставување. Таа наша татковина се сака со премостување на чесните намери со чесните дела и со правилен однос кон вистината. Секој обид за нејзино затемнување е залуден, оти според нормалните текови, по секое зајдисонце доаѓа изгрејсонце. Ако разбудиме по еден Гоце во секој од нас, изгрејсонцето ќе ни биде на дофат, заврши Костадинов.
Тој во името на општина Струмица, положи свежо цвеќе пред споменикот на Делчев, заедно со претседателот на Советот, Јосиф Христов, а цвеќе положија и претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борците, резервните старешини, политичките партии и на јавни општински институции. Во чест на Гоце Делчев, рецитаторите од домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.

Напишете коментар