Општина Струмица ја изработи втората Стратегија за локален економски развој 2016-2020 година

„Струмица до 2020 година ќе биде општина со повеќе атрактивни инвестициски можности за забрзан развој на економијата и земјоделството, со современо просторно и урбано планирање, енергетски ефикасни јавни и приватни објекти, развиена инфраструктура, здрава животна средина и со стручна администрација која по највисоки стандарди ќе обезбеди квалитетни услуги на граѓаните и бизнис заедницата“, ова денеска го истакна Никола Годев, раководител на Секторот за ЛЕР, заштита на животната средина, меѓународна соработка и европски фондови, на брифингот со претставниците на медиумите кој што се одржа во домот на АРМ, а на кој беше презентирана Стратегијата за Локален економски развој на општина Струмица 2016-2020 година. Според него, ова е втора Стратегија која ја носи општина Струмица и истата претставува квалитетен стратешки документ кој ја дефинира целта и визијата на развојот на Општината за период од четири години кој што е изработен во соработка со сите сектори на општинската администрација.
Стратегијата пред претставниците на медиумите ја презентираше Тони Милушев, раководител на Одделението за локален економски развој, кој потенцираше дека овој документ се заснова на реални стратешки цели, а не список на желби. При тоа, тој ги образложи петте столбови на Стратегијата: економија и инвестиции, земјоделие и рурален развој, животна средина и енергетска ефикасност, инфраструктура и урбанистичко планирање и развој на работна средина и останатите содржини на Стратегијата.
Стратегијата за Локален економски развој на општина Струмица 2016-2020 во печатена форма може да ја добие секој граѓанин преку Одделението за локален економски развој на општина Струмица, а ќе биде ставена во електронска верзија и на општинската веб страница.

Напишете коментар