Општина Струмица денеска ја одбележа 147-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Општина Струмица денеска ја одбележа 147-годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. На пригодната свеченост која што се одржа пред неговиот Споменик на градскиот плоштад, за животот и делото на Делчев зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.

-Времето неповратно ита низ патиштата на минливоста, па како да сака да ја потврди веродостојноста на изреката: „се тече, се се менува“. За многу работи тоа навистина е така, но постојат нешта кои се цврсто врежани во нашата меморија, нешта кои се имуни на времето и заборавот. Такви се великаните и нивните дела за кои минливоста не постои. Тие се врежани во вечното постоење и секогаш се вредни за почит и внимание. Но, пред да станат големци и пред да го докажат тоа со своите вонвременски дела, тие најпрвин требало да се родат. Токму затоа деновите на нивното раѓање се датуми со особено значење.
Еден таков датум одбележуваме денеска. На 4. Февруари пред 147 години во Кукуш, беше роден апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, еден од најзначајните личности во нашата историја. Иако неговата биографија опфаќа временски период од само 31 година колку што трае неговиот кус животен век, за него слободно можеме да кажеме, дека беше најголем меѓу големите. Неговата маркантна фигура како деец, визионер, револуционер и херој, за вечни времиња ќе биде позиционирана на самиот врв од македонската историја, во делот во кој се спастрени личностите и настаните од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Да не беше тој 4. Февруари 1872 година, не ќе беа можни идните значајни настани и датуми од таа наша историја, во кои главен протагонист беше токму тој, Ѓорги Никола Делчев. Ете, затоа е исклучително значаен овој денешен ден, во кој повторно го чествуваме ликот и делото на Делчев, човекот кој остави неизбришливи траги во македонската биднина и во македонскиот непокор, рече градоначалникот Јаневски.
Пред Споменикот на Гоце Делчев беше положено свежо цвеќе, а членовите на рецитаторската секција при основното училиште „Гоце Делчев“ од Вељуса изведоа пригоден рецитал.

Напишете коментар