Општина Струмица дел од кампањата „Детските права, во свет без предрасуди“

Како голем поддржувач и промотор на детските права, општина Струмица се вклучи во кампањата „Детските права, во свет без предрасуди“. На плоштадот „Гоце Делчев“, денеска, се одржа културно – забавен настан на кој учествуваа ученици од второ одделение од повеќе училишта во Општината, на кој преку игра и забава се промовираа детските права и интеркултурната комуникација. Оваа локална кампања е дизајнирана за време на летниот камп кој во летниот период се одржа во Троген, Швајцарија, а во кој беа вклучени 40 деца од различна етничка припадност од Македонија, меѓу кои и деца од Струмица. Кампот е во состав на програмата за работа на Детската фондација Песталоци од Швајцарија и нуди уникатни методи за учење на детските права и интеркултурна комуникација, како и методи за споделување на наученото. Учесниците на денешниот настан ги поздрави претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.
-Имам чест да ве поздравам од мое лично име, од името на Советот на општина Струмица и секако, од градоначалникот на општина Струмица господинот Зоран Заев. Во општинските средни и основни училишта во Општина Струмица, децата го остваруваат правото на образование, кое меѓу многуте права е загарантирано со поголем број меѓународни акти и документи. Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации ги утврдува сите права на децата, за кои голем број држави членки го дале својот потпис и се сложиле да ги применуваат. Училиштата со своите ученици и родители во една општина, претставуваат корисници на услугите во целокупниот воспитно-образовен процес. Општината е основач и има своја надлежност со обврски за обезбедување квалитетно образование за сите генерации ученици, а посебен акцент се дава и во обезбедувањето финансиски средства за учества во проекти и непосредна логистичка и административно-техничка поддршка во тие активности. Овие деца, ученици од општинските средни училишта во Струмица, работат како тим и претставници на Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје, партнер организација на Општина Струмица во проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“. Тие поминаа две недели во летен камп во Детското село Песталоци во Швајцарија и испланираа локална кампања за промовирање на интеркултурната комуникација и детските права, преку која сакаат да ја развиваат меѓусебната перцепција и односите на учениците, нивните родители (семејството) од различна етничка и културна припадност. Нивниот ангажман е во функција на развивање на свеста за значењето на соработката на луѓето од различни култури, партиципативно да планираат, активно да слушаат за потребите во заедницата и мотивација на членовите во заедницата, да ја јакнат мултиетничката соработка, меѓусебно да комуницираат и да откриваат дека поединецот и заедницата се поврзани за доброто на сите. Сите посакуваме што повеќе деца да се вклучат во промоцијата на детските права, преку активно партиципирање вослободните ученички активности, особено надвор од редовната настава. За таа цел денес, ние од локалната заедница, ја поддржуваме оваа кампања, заедно присуствувајќи на овој настан од забавен карактер, за стекнување нови познанства и заедничко дружење. Со мотото на кампањата: „Детските права, во свет без предрасуди“, посакувам успешна реализација на оваа активност, со надеж дека истата ќе ги даде посакуваните резултати, рече Христов.
Според планираните активности во акциониот план на учениците од Струмица, во трите средни општински училишта на 4 и 5 октомври се одржаа работилници на тема за половата и родовата рамноправност.

Напишете коментар