ООУ „Гоце Делчев“ Василево го одбележа патрониот празник

Со полагање свежо цвеќе пред бистата на патронот и свечена програма подготвена од учениците, денес ООУ„Гоце Делчев“ од Василево го одбележа својот патрон празник.

„Денес сме овде да го прославиме патрониот празник на нашето училиште, денес сме овде во чест на најголемиот херој и визионер Гоце Делчев кој светот го разбираше единствено како поле за културен натпревар меѓу народите. Гоце Делчев е име кое во сите нас буди хероизам, непокор, борбеност и стремеж за следење на неговите визии и големи дела“, рече директорката на училиштето г-ѓа Емилија Котева, заблагодарувајќи им се наприсутните кои дојдоа на одбележувањето на патронот.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, кој меѓу другото им порача да го чуваат споменот за Делчев и да го продолжат неговото дело „Благодарни за она што го сторил за нас Македонците, за аманетот што ни го остави нам и на поколенијата кои ќе дојдат по нас, со чувство на возвишеност и гордост, денес на Делчев му оддаваме почит чувајќи го споменот за него и продолжувајќи го неговото дело“.

Учениците, на најдобар начин, со богата приредба, со многу рецитали, драматизации и музичко – балетски изведби ги покажаа своите достигнувања, способности и вештини стекнати за време на своето школување.

Одбележувањето беше збогатено и со доделување на благодарници и дипломи на учениците кои на општинските и републичките натпревари добиле награди и со своето учество го афирмирале училиштето.

Напишете коментар